СДСМ поднесе кривична пријава против Груевски
Опозициската СДСМ денеска до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против премиерот Никола Груевски, министерот Миле Јанакиески, градоначалникот Коце Трајановски и други лица кои се директно инволвирани во криминални и коруптивни дејства, во врска со парцелите на Водно.
Кривичните дела за коишто е поднесена приjавата се злосторничко здружување, перење пари и злоупотреба на службена положба и овластување.
Како доказен материјал кон Кривичната пријава, покрај аудио снимките презентирани во јавноста, опозицијата достави и детална документација.
„Од документацијата произлегува дека Груевски и неговите соработници смислено ги откупиле парцелите, по драстично пониски цени од пазарните. Потоа по налог на самиот Груевски се прават измени на Генералниот урбанистички план и Деталниот урбанистички план. Со сите преземени дејствија, Груевски и соработниците се стекнале со противправна имотна корист од 17.000.000 евра.
За купувањето на овие парцели, се користени пари што потекнуваат од извршени казниви дела. За трансферот на овие средства се користени странски правни лица основани во земји каде што е дозволиво основачите да се анонимни за јавноста, а кои во Република Македонија основале трговски друштва со висок основачки капитал во кеш.
Јавните обвинители се должни да постапат по Устав и закон. Тие се должни се како доказ во постапката да ги искористат јавно презентираните снимки, за што постои и пракса на европскиот суд во Стразбур, на којашто е укажано во пријавата“, посочи потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски.
