СДСМ поднесе кривична пријава за министерката Канческа-Милевска и екс-градоначалникот Тодоровиќ
СДСМ до Јавното обвинителство поднесе кривична пријава за организиран криминал против министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Од Министерството за култура пак одговорија - СДСМ шири лаги.
Покрај за Канческа-Милевска, пријава има и за поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ, и против советниците од ВМРО-ДПМНЕ од оваа општина во претходниот мандат. Како што соопшти партискиот портпарол Петре Шилегов, кривичната пријава е поднесена поради основано сомневање за злоупотреба на службената положба и овластување и нанесена штета на Буџетот од над 58 милиони евра.
„Се сомневаме дека спротивно на членовите 3, 4, 5 и 8 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, првообвинетата учествувала, поттикнала и ја злоупотребила својата функција на начин што во име на Министерството доставила 13 иницијативи до општина Центар за подигање на 22 спомен-обележја. Иако од содржината и описот на ликовите даден во иницијативите произлегува дека станува збор за изградба на меморијални споменици, за нив не е надлежна општината туку Собранието“, изјави денеска Шилегов.
Тој најави дека опозицијата сега очекува Јавното обвинителство да ги разгледа можностите и дали министерката за култура може да го повтори делотобидејќи се уште е на истата функција. Државните институции се должни да реагираат, вели Шилегов.
Од Министерството за култура пак сметаат дека СДСМ лаже и манипулира со законите.
„Законот за меморијални споменици и спомен-обележја во член 5 јасно и децидно наведува кој може да поднесе иницијатива за подигање меморијален споменик и спомен-обележје, а тоа се сите физички и правни лица. Под физички лица се подразбираат сите граѓани на РМ, а под правни лица сите правни субјекти во РМ. Значи, според Законот, секој може да поднесе иницијатива за подигање меморијален споменик и спомен-обележје. Поднесувањето иницијатива не претставува кривично дело“, посочуваат од Култура од каде додаваат дека иницијативата е демократско право на сите во земјава.
Во реакцијата од министерството исто така се вели дека кривичната пријава од СДСМ е можност во судска постапка еднаш засекогаш да се разобличат безочните лаги со кои СДСМ и нејзиниот портпарол ја манипулираат јавноста.
Слично
