СДСМ останува на бојкотот, но одлуката не поминала мазно?
На синоќешниот состанок на Извршниот одбор СДСМ ја потврди одлуката дека останува на бојкотот на Собранието и го повика собранискиот спикер Трајко Вељаноски да ја свика седницата на која ќе се констатираат оставките на опозициските пратеници.
„Членовите на Извршниот одбор на СДСМ и пратеничката група разговараа за актуелната политичка состојба во Република Македонија. Беше констатирано дека владејачкото мнозинство е единствено виновно за правната и политичка конфузија во која се наоѓа Собранието. Пратениците пред 5 месеци ги депонираа оставките. Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, може во секој момент да ги верификува и нема потреба од поврзување со какви било датуми за тоа да го стори“, стои во соопштението на опозициската партија.
Но, според дел од медиумите, ваквата одлука не поминала лесно на синоќешниот состанок и наишла на поделени ставови во СДСМ. Според извори на 24 Вести, во седиштето на партијата се водела жестока дебата меѓу Заев и сопартијците кои не се согласуваат со неговиот концепт.
„Дел од пратениците директно го обвиниле Заев и раководството дека немаат концепт и дека партијата е во безизлез. Побарале ако првиот социјалдемократ е дециден дека единствена опција на СДСМ е бојкотот, тогаш да го надгради и прошири - и оставки да си поднесат сите градоначалници и советници на СДСМ, вклучително и тој во Струмица. Според партиски извори, Заев ги убедувал пратениците дека СДСМ мора да опстои на бојкотот и дека, како што рекол, аферата што ја имале за Груевски, ќе ги сменела драстично работите“, објавува телевизијата.
И според извори на ТВ Алфа постои поделеност во СДСМ по однос на иднината на бојкотот. „Според брифинзите кои доаѓаат од партиски функционери се погласни се оние кои бараат прекин на бојкотот, зошто во моментов тоа го гледаат како најдобро решение за да се врати видливоста на партијата. Постоел и гнев кај дел од пратениците. Иронија е Жерновски и Заев да ги извршуваат градоначалничките функции кои ги добија на избори спроведени токму од оваа власт, а бараат од нас да се откажеме од мандатот, биле коментарите на изреволтираните членови“, објавува овој медиум.
Критики за делувањето на опозицијата имаат и помалите коалициски партнери. Андреј Жерновски од ЛДП и Тито Петковски од НСДП вчера со заедничко соопштение побараа окрупнување на опозицијата, а наскоро треба да имаат средба и своите забелешки да му ги пренесат и на Заев.
Слично
