СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ отпушта наставници и професори на првиот училиштен ден во Охрид
Околу 60-тина стручни, искусни и посветeни наставници и професори од основните и средните училишта во Охрид, денеска, на непрофесионален, недостоинствен и неколегијален начин, се отстранети од наставно-образовниот процес, реагираа од општинската организација на СДСМ во Охрид.
„На 38 наставници од основното образование и на 20 професори од средното, со повеќегодишно работно искуство не им се продолжени договорите за времено ангажирање. Не затоа што се нестручни, неискусни и не ги задоволуваат потребните критериуми, туку само затоа што биле ангажирани од страна на претходната локална власт. ВМРО-ДПМНЕ со тоа покажа дека партиските интереси и се пред интересите на учениците, родителите и образовните институции. Владеачката партија исто така на најдрзок начин си поигра со достоинството, дигнитетот и професионалниот интегритет на отпуштените наставници и професори, кои до последен момент беа држени во неизвесност, дали договорите што им истекуваат на 31.08.2013 година ќе им бидат продолжени. Надеж за тоа им беше дадена со тоа што беа вклучени во креирањето на плановите и распоредите во наставниот процес за новата учебна 2013/2014 година“ - посочија од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ овие луѓе на првиот училишен ден од учебната година ги пречекаа ненајавени отпуштања.
ОО на СДСМ од Охрид, во текот на денот, за ова ќе ги информира сите релевантни меѓународни институции и здруженија во државава.
Слично
