СДСМ од денеска седнуваат во пратеничките фотелји во Собранието
Пратениците од СДСМ денеска се враќаат во Собранието.
Ова следи откако партиите потписнички на Пржинскиот договор се усогласија за клучните прашања за излез од кризата. Договор е постигнат за избирачкиот список, медиумите, работата на МВР и друго.
Новиот договор подразбира дека до 31 август треба да се исполнат неколку услови за одржување фер и кредибилни избори на крајот на годината. Како можен термин за избори се споменува 11 декември.
За избирачкиот список договорено е 171.500 лица за кои се претпоставува дека се наоѓаат во странство, да бидат ставени на дополнителен список и треба да се направи нова проверка за 40.000 лица. За ова да се реализира потребни се измени на Изборниот законик, а рокот е денеска.
До 31 август лидерите на четирите партии треба да се сретнат и да одлучат дали се исполнети договорените обврски и да го прецизираат датумот за избори.
Пратениците на СДСМ претходно го напуштија Собранието откако не беше прифатен нивниот рок до кога требаше Уставниот суд да се изјасни за уставноста на Законот за Специјалното јавно обвинителство.
