СДСМ: Обвинителот признава дека има кривично дело, но го аболира Груевски
Јавниот обвинител Марко Зврлевски се оправдува со застареност на случајот „Македонска банка“, но всушност признава кривично дело во случајот милионски поткуп во кој што е инволвиран премиерот Никола Груевски, велат од СДСМ.
Нивната реакција доаѓа откако Обвинителството објави дека не отвора предмет за овој случај инициран од опозицијата.
„Скандалозна и срамна е одлуката на Зврлевски, со која што обвинителот се постави во улога на адвокат на Груевски, наместо да постапи по неговата законска обврска за заштита на интересите на граѓаните на Македонија. Од денеска Груевски е амнестирано, аболирано и помилувано лице. Хаотичното соопштение на Основното јавно обвинителство ја покажува тоталната контрола на Никола Груевски врз судството и е класичен доказ дека во Македонија нема држава туку се е партија“, реагира СДСМ.
Од партијата додаваат дека самиот факт што во образложението се наведува дека трансформацијата на капиталот на Македонска банка завршил во јануари 2004-та година, потврдува дека обвинителството се впуштило во истрага, за на крајот да ја отфрли кривичната пријава.
„Членовите 279, став 2 и 107 став 1 точка 2 од Кривичниот законик предвидуваат дека даночното затајување од овој обем застарува за 20 години. Јавниот обвинител Зврлевски сервилно одлучи да му служи на оној кој го постави на позицијата и кој може да го разреши, Никола Груевски. Тоа го направи затскривајќи се зад соопштение на Основното јавно обвинителство, испратено во петок попладне, наместо со јавна отчетност пред граѓаните на Република Македонија. Се работи за мега скандал со договорен кеш од 1.500.000 евра од страна на Никола Груевски. СДСМ, веднаш штом го добие решението на Основното јавно обвинителство детално ќе се произнесе за случајот“, стои во реакцијата на опозициската партија.
Слично
