Економија, финансии, бизнис

Контакт

СДСМ обвини – 3 милиони евра отишле за фабрики што не постојат, Владата демантира

СДСМ обвини – 3 милиони евра отишле за фабрики што не постојат, Владата демантира
Странската фирма „СМР Аутомотивес системс Македонија“ на двапати од Владата во август 2011 година добила речиси три милиони евра, обвини опозициската СДСМ. „Еднаш, во висина од 1 милион и 285 илјади евра (€1.285.000) за изградба на претпријатие за производство на леани метални делови. И вторпат, над еден и пол милион евра (€1.530.000) за изградба на претпријатие за производство за надворешно стакло за ретровизори. Значи, за изградба на две претпријатија владата на оваа фирма и доделила речиси 3 милиони евра! Е сега, како е можно да се исплатени 3 милиони евра, а овие две фабрики да ги нема?“, праша Лидија Димова од СДСМ. Според неа, рокот за изградба на двете фабрики истекол пред три недели, но овие индустриски капацитети никаде ги нема. Случајот „СМР Аутомотивес системс Македонија“ покажува како Владата на Никола Груевски ги троши буџетските пари и за каква намена. Владата демантира дека на компанијата „СМР Аутомотивс системс Македонија“ и биле исплатени 2.815.000 евра за фабрики што ги нема. „Државна помош се дава пост фестум, односно по доставата на целокупната документација од страна на компаниите за определени издатоци и трошоци кои тие ги направиле во врска со некоја инвестиција а за кои им следува државна помош согласно договор и согласно закон, и по оценката на таа доставена документација од страна на институциите“, објаснуваат од Владата. Дирекцијата за Технолошко индустриски развојни зони, во согласност со законот, писмено се обратила до компанијата и побарала да биде известена за плановите за реализацијата на проектот и реализација на договорните обврски од страна на компанијата и во очекување на официјален одговор. Откако ќе го добијат одговорот од компанијата, Владата ќе го оцени исполнувањето на договорните обврски од компанијата, по што ќе дејствува согласно интересите на земјата и за своите одлуки ќе ја информира јавноста, информираат од владината прес-служба.
Слично

Поврзани вести