СДСМ: Новиот буџет ќе донесе пад на реалните плати и куповната моќ на населението
Од СДСМ дадоа своја „дијагноза“ за новиот Предлог буџетот за 2014 година. Изразуваат сомневање дека со него ќе биде остварен само номинален, наместо реален раст на македонската економија.
Според потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов единствените три нешта коишто навистина ќе продолжат да растат се задолжувањето, бројот на прекршочни казни и непотребното трошење на власта, исто како во 2012 и 2013 година, забележа тој.
Од СДСМ укажаа дека ако се донесе овој буџет, како и претходните две години ќе продолжат да паѓаат реалните плати и куповната моќ на населението. Притоа Узунов посочува четири делови од Предлог буџетот за 2014 година за кои вели дека го доведуваат во прашање кредибилитетот на власта во делот на економските предвидувања и проекциите кои се од исклучителна важност за движењето на целата македонска економија. Вели дека власта го базира Буџет на несигурни претпоставки, а проекциите се апсурдни и нереални.
„Дебатата по Предлог буџетот за 2014 година сега започнува и допрва ќе се одвива. Но, она што сакаме да го истакнеме сега, е фактот дека состојбата не може да се подобри само преку подобрувања на Предлог буџетот, туку неопходно е менување на целиот економски модел на владеење. Со други зборови, потребна е промена на власта, а не само корекции“, истакна тој.
Тој овој Буџет го нарече буџет на апатија, базиран на несигурни претпоставки, на апсурдни проекции и нереални предвидувања и Буџет без проекција за странските инвестиции.
Во својата реакција од владејачката ВМРО ДПМНЕ сметаат дека СДСМ повторно се обидува да ги манипулира граѓаните и неаргументирано да пласира црни сценарија за Македонија. Според нив, опозицијата без елементарни познавања на економската наука и пракса изнесуваат невистини и паушални обвинувања.
„Како се искажува стапката на раст на една економија е конфузија само за опозицијата. Во предлог Буџетот доставен од Владата на Република Македонија до Собранието на Република Македонија јасно и детално е наведено врз основа на кои претпоставки и бројки ќе се оствари предвидениот реален раст од 3,2%. Апсурдно е за еден толку значаен документ како што е Буџетот да се зборува без никакви познавања, што доведува до прашањето дали опозицијата е способна да го разбере и да дебатира за неговата целисходност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Слично
