СДСМ: Немало никаква комуникација за наводно одложување на констатирањето на оставките на пратениците
„Трајко Вељаноски кој насилно исфрли пратеници од Собранието, Илија Димовски, извршител на највалканите спинови на Никола Груевски, и двајцата членови на партијата ВМРО-ДПМНЕ којашто владее со насилие и не почитува никого и ништо во земјава, па ни Уставот кога е во прашање нивниот интерес, сега сакаат некој да им поверува дека тие биле добри и фини кон опозицијата, затоа што опозицијата ги замолила за тоа“, реагираше опозицијата после изјавата на Илија Димовски кој изјави дека пратениците на опозицијата праќале тајни пораки да не им се одземаат мандатите.
„Ако имало договор меѓу власта и опозицијата за одложување на констатирањето на оставките, зошто беа серијата ултиматуми од Трајко Велјаноски до пратениците од опозицијата за враќање во Парламентот, за што е сведок целата јавност?
Одговорот е еден. Трајко Вељаноски и Илија Димовски лажат.
Немало никаква комуникација со СДСМ за наводно одложување на констатирањето на оставките на пратениците.
Позициите на СДСМ и опозицијата се кристално јасни од моментот на нерегуларните избори, кога СДСМ соопшти дека не го признава изборниот процес. Поднесени се оставки до Собранието, коешто на чело со Велјаноски насилно ги верификуваше пратеничките мандати на опозицијата“, стои во писмената реакција на официјалната страна на СДСМ.
-Груевски, Велјаноски, Димовски не можат да се помират со цврстиот и конзистентен став на СДСМ и опозицијата да не ги прифати пратеничките мандати.
Еве ја изјавата на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов http://www.sdsm.org.mk/default.aspx?articleId=10722&mId=55&agId=6 дадена на денот кога лично Велјаноски го одложи констатирањето на оставките на опозицијата, што е потврда за лажните изјави на Трајко Велјаноски и Илија Димовски:
„Иако Никола Груевски, на различни начини, најавуваше дека веднаш по констатирањето на оставките, власта ќе распише вонредни избори за пополнување на испразнетите места на опозицијата, тоа не се случи. Со денешната одлука, да не се констатираат оставките на пратениците, може слободно да се заклучи дека Груевски е подготвен да разговара за барањата на опозицијата“ се вели уште во реакцијата.
Од СДСМ потенцираат дека политичкиот дијалог што се водел помеѓу власта и опозицијата изминатата година и договорите што биле постигнати, не биле практично реализирани, напротив биле несовесно злоупотребени од страна на Груевски.
Доколку во иднина нешто ќе треба да се договара, опозицијата ќе го смета за договорено, само ако во спроведувањето на договореното, биде целосно вклучена опозицијата и при тоа гарант биде претставник на Европската унија, нагласуваат во реакцијата од СДСМ.
ДИМОВСКИ: Пратениците на СДСМ праќаат тајни пораки да не им се одземаат мандатите
