СДСМ наредната недела го трга кампот од пред Влада?!
Најголемата опозициската партија СДСМ која го предводи проектот Вистина за Македонија од наредната недела најверојатно ќе го повлече кампот од пред Владата, брифираат за Фактор партиски извори.
Синоќа лидерот на СДСМ Зоран Заев на состанок со Извршниот одбор на партија разговарале за понатамошното делување, особено после заострувањето на текот на преговорите и одлуката на СДСМ да ги прекине истите. Повеќе од дискусиите оделе во насока да се прекине со кампувањето пред Владата и да се започне со други активности кои би биле порадикални. Најверојатно, тврдат партиски извори за Фактор, од следната недела кампот ќе биде тргнат од пред Владата, а кои ќе бидат следните активности и како понатаму ќе се спроведува проектот Вистината за Македонија, партијата ќе одлучува по посетата на американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд и најавената посета од страна на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
Го најави ли индиректно Заев повлекувањето на кампот
Ќе дејствуваме летово со сите демократски средства, ќе објавуваме нови материјали од проектот „Вистината за Македонија“, а со доаѓањето на есента очекуваме сето тоа целосно да се интензивира, рекол претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во изјава за „Капитал“. Ова бил неговиот одговор на прашањето како ќе дејстува СДСМ понатаму, откако вчера објави дека преговорите со Груевски се неуспешни, а од Европската комисија преку изјава на Маја Коцијанчич „итно повикаа партиите да пронајдат компромис во интерес на земјата и на граѓаните“.
Очекувањата на Заев од посетата на американската помошник-државна секретарка за европски и евроазиски прашања, Викторија Нуланд, на 13 месецов, се умерени.
„Меѓународната заедница е пријателски настроена кон нас. Секој добар предлог ќе биде добредојден. Ако има добар предлог, секако дека ќе биде земен предвид“.
Носи ли Нуланд договор за македонската криза?
Многу работи ќе бидат појасни по понеделник кога во Скопје доаѓа американскиот помошник државен секретар Викоторија Нуланд. Никој нема информации што носи Нуланд. И двете најголеми партии немаат информации дали Нуланд носи некаков договор во својата актовка особено популарно наречениот „Земи или остави“. Ако има таква опција таа повеќе од сигурно е дека нема да му се допаѓа на никој. Според штурите информации предвидено е едно единствено интервју на Нуланд за еден приватен медиум.
(Не)прекинати преговори
Партиски извори за Фактор брифираат дека премиерот Никола Груевски наводно се согласил на опозицијата да им даде клучни министерски места, но не МВР и Јавното обвинителство. По серијата несупешни преговори лидерот на опозицијата Зоран Заев завчера одлучи да ги прекине преговорите, обвинувајќи го премиерот Никола Груевски дека го рушел договорот од 2 јуни. Вчера пак, извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржа седница на која било заклучено дека „нема веќе простор за нови одстапки, и особено не во делот на организација на владата за подготовка на наредните избори“.
„Промена на министри и премиер е нешто што ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати. Го поздравуваме напорот на претставниците на меѓународната заедница и уште еднаш потврдуваме дека сме подготвени за имплементација на договорот од 2-ри јуни, но нагласуваме дека немаме намера да продолжиме со отстапките на нелогичните барања на СДСМ“, пишува во соопштението. Со реакција на овој став на ВМРО-ДПМНЕ се огласи опозицијата.
„Груевски во договорот на 2-ри јуни се согласи на организација на влада којашто треба да спроведе фер и демокрaтски избори, но потоа се исплаши токму од тие фер и демократски избори и затоа се обиде да го одолговлекува преговарачкиот процес“, реагираа од СДСМ.
Меѓународната кризна група бара преодна Влада
Со своја анализа во македонската јавност се јави и Меѓународната кризна група. (http://www.crisisgroup.org/~/media/Files/europe/balkans/macedonia/b075-macedonia-defusing-the-bombs.pdf)
Препорачува итен меѓупартиски договор за формирање преодна влада што треба да подготви кредибилни избори во април догодина и заедничка македонско-косовска истрага, со помош на меѓународната заедница, за судирите во Куманово. Во нивната анализа со наслов „Деактивирање на бомбите“ објавена денеска, пишува дека во моментов Македонија се опоравува од два шока. Едниот е скандалот со објавувањето на прислушуваните разговори кои откриваат дека државниот апарат е заробен и корумпиран од страна на владејачката партија. Другиот е вооружениот судир меѓу полицијата и вооружена група Албанци, најголемиот дел од Косово, во етнички мешаното Куманово, во кој имаше најголема загуба на човечки животи во регионот во последната деценија. ЕУ, која има директен удел во регионалната стабилност и одговорност да ѝ помогне на државата на која и даде кандидатски статус, треба да ги удвои напорите да ги убеди македонските лидери да ја вратат довербата во владата, наведува организацијата и предлага постигнување меѓупартиски договор од неколку точки:
- Формирање привремена Влада преку нормална собраниска процедура, со соодветно членство на сите главни партии, чија главна задача ќе биде да ги спроведе реформите неопходни за кредибилни избори до април 2016, (две години порано од редовниот термин) особено оние поврзани со избирачките списоци, рамноправниот пристап до медиуми и злоупотреба на функциите за партиски цели.
-Донесување закон за формирање две независни комисии(А и Б), двете со овластување да побараат и добијат активна експертска помош од ЕУ, САД и други организации. Мандатот на А треба да биде да помогне и да ги набљудува напорите на преодната влада за подготовка на кредибилни предвремени избори. Мандатот на Б би требало да биде за прислушувањето, вклучително и истрага за криминалите и корупцијата што можеби се открива со објавените разговори.
- Да се прифати дека преодната влада ќе биде на власт и нема да има предвремени избори сè додека комисијата А не утврди дека се спроведени реформите и
-Да работат на подобрување на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор со тоа што ќе обезбедат правична застапеност на Албанците во сите нивоа на власта, правични државни инвестиции во областите каде што мнозинство се Албанците и да се почитува еднаквоста на јазиците.
Р.Ф
Слично
