Економија, финансии, бизнис

Контакт

СДСМ најавува Фискален совет, ВМРО-ДПМНЕ нови фискални правила

СДСМ најавува Фискален совет, ВМРО-ДПМНЕ нови фискални правила

СДСМ најавува Фискален совет, ВМРО-ДПМНЕ нови фискални правила

Изминатиов период меѓународните институции и Европската комисија во извештајот за напредокот на Македонија, укажаа дека нема подобрување во управувањето со јавните финансии. Во економскиот дел од политичките програми двете најголеми партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ најавуваат мерки и начини за подобрување на управувањето со јавните финансии. И двете нудат различни начини, со кои уверуваат дека ќе ја подобрат отчетноста и транспарентноста кога е во прашање трошењето на народните пари.

ВМРО ДПМНЕ во програмата најавува подготовка на правна рамка и почнувајќи од 2018 година буџесткиот дефицит ќе се ограничи на 3 отсто од БДП, а јавниот долг до 60 отсто од БДП. Во оваа изборна програма ВМРО ДПМНЕ проектира раст на БДП во периодот од 2017-2020 растот меѓу 3% и 4,5%. Новите фискални правила најавуваат дека ќе бидат утврдени во Уставот доколку се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието на Република Македонија, а со закон подетално ќе се утврди нивната примена.

„ Согласно со целите на фискалната политика и најдобрите ЕУ-практики, буџетирањето на средствата ќе се базира на претходно дефинирани индикатори за ефикасност на програмите и преку следење на остварувањето на утврдените резултати. Со тоа граѓаните ќе имаат подобар увид во резултатите и целите кои се остваруваат со користењето на јавните средства. Во насока на постигнување на одржливи и солидни јавни финансии ќе бидат дадени препораки за изготвување на среднорочна рамка на расходи и развивање и поврзување на годишниот буџетски процес со среднорочната рамка на расходи“, стои во програмата на ВМРОД ДПМНЕ.

СДСМ најавува формирање на „Фискален совет“ како независен орган формиран од страна на Собранието, во којшто ќе членуваат истакнати експерти по финансии или економија, со мисија да го оцени кредиби- литетот на фискалната политика и да обезбеди нејзина транспарентност и предвидливост.

„Секоја година ќе ја обновуваме тригодишната фискална стратегија (според принципот на rollover) и таа ќе се објавува на почеток на годината, откако ќе бидат утврдени приоритетите на Влада за наредната фискална година. Оваа стратегија ќе се дискутира и ќе се гласа во Собранието на РМ, со цел да охрабри дебата за фискалните и буџетските агрегати, за таа да претставува основа за очекувања од страна на економските агенти. Јавниот долг ќе мора да се објавува целосно и редовно, без исклучоци и политички калкулации. Криењето на јавниот долг ќе стане кривично дело. Ќе обезбедиме објавување податоци и за гарантираниот, но и за негаранти- раниот долг на јавните претпријатија и општините“, се посочува во програмата на СДСМ.

ВМРО ДПМНЕ најавува воведување на нов интегриран информациски систем со кој ќе се криера сеопфатна рамка за управување со јавните финансии и програма за реформи во управувањето со јавните финансии.

„Ќе се подготви и спроведе сеопфатна програма за реформи во управувањето со јавните финансии. Со програмата ќе се подобрат повеќе сегменти: администрирање и наплата на приходите, планирање и извршување на буџетот, јавните набавки, управувањето со долгот, јав- ната внатрешна финансиска контрола и надворешната ревизија. Истовремено, ќе следи постепена консолидација на сопствените приходи на буџетските корисници во рамки на единствената трезорска сметка. Со овој стратешки документ ќе се дефинираат потребните реформи и ќе се дадат насоки за подобрување на управувањето со јавните финансии во наредниот среднорочен период“, се наведува во програмата.  

Во однос на отчетноста на трошењето на народните пари, од СДСМ посочуваат дека буџетските корисници, фондовите, јавните претпријатија ќе бидат обврзани да достават до Министерството за финансии детални месечни извештаи за исплатата на доделените пари од Буџетот.

„Со тоа, граѓаните стануваат вистински контролори на можните злоупотреби, бидејќи секој граѓанин од својот домашен компјутер може во детали да види каде се трошат парите од неговите даноци и придонеси. Завршните сметки на сите буџетски корисници и јавни претпријатија ќе мо- раат да бидат објавени на интернет. Ќе се знае кој и за што ги троши парите на граѓаните. На интернет страницата на Министерството за финансии ќе стојат сите трошоци на парите на граѓаните и за кои цели. Криењето на јавниот долг ќе биде кривично дело. Завршните сметки на сите буџетски корисници и јавни претпријатија ќе мора да бидат објавени на интернет. Гарантираме отчетност пред граѓаните“, се наведува во програмата.

Т.С


Слично

Поврзани вести