СДСМ најави нова стратегија која ќе се базира на четири столба
На денешната прес конференција опозициската партија СДСМ најави дека почнува да работи на реализација на новата Стратегија за политичко делување, која што беше усвоена на вчерашната седница на Централниот одбор на оваа партија.
„Целта е јасна, да ја извлечеме државата од бесперспективноста што `не задушува сите нас, сите овие години на контролирано и манипулациско владеење. Да ја вратиме земјата на нормален колосек, каде што заслужува, како дел од европското семејство и НАТО“, изјави Заев.
Според лидерот Зоран Заев новата стратегија се базира на четири столба.
„Со првиот столб наречен „Работиме заедно“, СДСМ има план да биде постојано со граѓаните. Ова не е кампања. Таму е местото на СДСМ. До граѓаните. Столбот носи наслов „Работиме заедно“. Затоа што интензивно ќе работиме заедно. Тоа ќе биде партнерски однос на слушање на потребите и проблемите и заедничко дефинирање реални и прифатливи решенија.
Овој столб ќе биде коренита промена во однос на тековното функционирање на опозицијата. Над 5 000 тимови ќе бидат во контакт со секое семејство во државата. На луѓето ќе им понудиме шанса да кажат што мислат и тие да влијаат на она што и се случува на Македонија. Во Македонија мора да го вратиме правилото дека навистина `се зависи од граѓаните. И дека задачата на политичарите не е да диктираат, туку да слушаат и да служат, да ги решаваат нивните проблеми, а не своите.
Второ, власта ќе биде е ставена под сериозна лупа на СДСМ. Ние и досега откривме бројни корупциски афери, врзани за највисокиот врв на власта, што донесоа до рекорден долг на државата и незапаматена сиромаштија. За вакви случаи, во секоја нормална држава паѓаат влади. Но, Македонија одамна не е тоа. Ова е столб на “Чесна понуда.“ Од овој момент, секое министертство, орган, институција, на централно и на локално ниво ќе бидат следени во секоја одлука што се однесува на животот на граѓаните на Македонија, а лошите и штетни политики ќе бидат корегирани со спротивставување на сериозна, квалитетна, реална и видлива алтернатива.
За таа цел започнуваме со формирање Централен систем на комисии. Тие ќе бидат пандан на владината министерска структура. Над 1 000 стручни екипи, со авторитет и одговорност, на граѓаните ќе им ја приближат визијата за поинаква Македонија: држава на сите и за сите, држава со еднакви шанси, држава на достоинствен животен стандард и посилна економија.
Третиот и четвртиот столб од Стратегијата се: “Силна СДСМ“ и “Партнерства за демократска Македонија“ на коишто партијата веќе работи, информираше лидерот Заев.
На новата стратегија на опозицијата работеле четири тима, кои се консултирале со тим на експерти кои работеле за сестринските партии. Направиле над 100 поединечни консултации со признати стручњаци во различни области и SWOT анализи.
