СДСМ: На училиштата во Битола им се заканува финансиски колапс
Училиштата во Битола се во тешка финансиска состојба и практично им се заканува колапс, тврдат социјалдемократите од овој град. Според Јулијана Силјановска, пратеник на СДСМ од Битола, дел од училиштата немаат пари за струја, за нафта за греење, за превоз на учениците, ниту пак за хартија, тонери и за основните канцелариски материјали.
„Сметките се блокирани, а секојдневно пристигаат извршни решенија за ненаплатени долгови за греење, за превоз, за струја. Само средното училиште „Таки Даскало“, според завршната сметка од 2013 година, должи неверојатни 480.000 евра, додека пак медицинското училиште „Др.Јован Калаузи“ должи околу 300.000 евра“, вели Силјановска.
Од ВМРО-ДПМНЕ не ги демантираа наведените суми за долгови на голем дел од основните и средните училишта во градот. Сепак, нагласуваат дека за разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ инвестира во изградбата на две училишни спортски сали во медицинското и земјоделското училиште, дека била сменета дограмата во СОУ „Таки Даскало“ и дека во две битолски села биле изградени монтажни училишта.
Слично
