СДСМ му се спротистави на Ставрески за буџетот: нѐ водите кон грчко сценарио!
-Доколку буџетотот не се донесе до крајот на годинава, тогаш со Законот за извршување на буџет е предвидено да има времено финансирање, односно дозволено е да можат да се потрошат една третина од последните три месеци на овогодишните буџетски расходи до март 2013 година, вели Маријанчо Николов од СДСМ, одговарајќи на прозивката од Ставрески, дека СДСМ ќе бил крив доколку не се донесе Буџетот за следната година.
На прес конференција пак се обрати потпретседателот на СДСМ Зоран Јовановски, кој одговри на нападите од страна на власта.
„ Вчера Премиерот соопшти, дека без разлика на обидите на опозицијата да го премисли во однос на неговиот план безмилосно да ја задолжува земјата, тој бил подготвен задолжувањето да го направи на комерцијалниот пазар, без разлика на цената што граѓаните за тоа ќе ја платат и без дозвола од собранието, а со издавање на нова еврообврзница. Притоа, како за сè досега, вината за трошоците за овој негов план ја префрла кон опозицијата, изјави Јовановски.
Тој вели дека „ова не е првпат Премиерот да прибегне кон ваков метод на безмилосно и скапо задолжување на граѓаните. Во 2009-тата тој издаде еврообврзница од 175 милиони евра, со каматна стапка од речиси 10%, без прецизно дефинирана намена за што ќе се трошат позајмените пари. Бидејќи не се изградија нови автопатишта и не започна изградба на нова хидроцентрала, парите се потрошија за покривање на фамозните буџетски дупки. Тогаш Премиерот порача, дека на Македонија и оди толку добро, што нема потреба да се задолжува со поволни кредити кај ММФ, туку тоа го прави со издавање на еврообврзница на комерцијалниот пазар. Таа екскурзија на премиерот во 2009-та година, само за камати, е дополнителен трошок за граѓаните од цели 47 милиони евра. Она што станува очигледно е дека политиката на безмилосно задолжување, без разлика кај кого и по која цена, станува основен принцип на работа на оваа власт. Со вчерашната изјава, Премиерот само јавно призна дека нема ама апсолутно никаква намера, да се обиде да ги скрати непродуктивните трошоци и со тоа да ја елиминира потребата од задолжување, туку дека неговата зависност од безмилосно задолжување е доведена до степен кога не се прашува за цена, само се бара начин како да се дојде до нови кредити, кои ќе обезбедат средства за промоција на неговите политики и исполнување на сите непродуктивни трошоци за реклами, фасади, споменици итн“, вели Јовановски.
Според СДСМ ваквото однесување на Премиерот е патот што Република Македонија ја води во грчкото сценарио. „Токму политиката на безмилосно трошење преку задолжување, без да се направи било каков обид да се отстрани потребата од задолжување преку кратење на непродуктивните трошења е главниот симптом кој покажува дека на овој начин земјата ќе стигне до банкрот. Само во последните 3 години, долгот на јавниот сектор кон странство е зголемен за 1 милијарда евра или за 90%, и според предложениот буџет и изјавата на Премиерот, трендот на задолжување во иднина само ќе се зголемува, без да се знае намената на користење на позајмените пари.
Премиерот треба да се вразуми и мора да го промени своето однесување. Не може во тешки времиња да има владини реклами на телевизија, фонтани и споменици, и уште за тоа да се позајмуваат пари. Решението е во буџетот на државата. Премиерот и Владата да ги пуштат нозете колку што е долга чергата.
Без разлика на заканите на Премиерот Груевски, СДСМ ќе ги употреби сите расположливи механизми, во собранието и надвор од него, со кои ќе се обиде да го спречи ова безмилосно задолжување и со тоа да ја принуди оваа власт преку кратење на непродуктивните трошоци да ја отстрани потребата од задолжување, со што ќе се спречи грчкото сценарио за Република Македонија„ изјави потпретседателот на СДСМ Зоран Јовановски.
Слично
