СДСМ: Лебот поевтини на околу 30 денари
Социјалдемократскиот сојуз излезе со соопштение во јавноста во кое тврди дека цената на лебот е намалена на околу 30 денари, како што велат, благодарение на претходните интервентни мерки.
„Владата предводена од СДСМ и претседателот Димитар Ковачевски во време на најголемата светска енергетска и економска криза, носи навремени и ефикасни мерки, за справување со последиците од кризата.
Помошта кон домашните компании ги даваат и првите конкретни резултати. Веќе може да се забележи намалување на цените на лебот, кои повторно се враќаат на околу 30 денари“, се вели во соопштението на СДСМ.
Од владеачката партија предвидуваат дека овие цени дополнително ќе се намалуваат и со последната мерка за обезбедување на струја по пониска, фискна цена за комапниите коишто произведуваат основни прехранбени производи.
„Со оваа мерка се опфатени околу 200 компании од прехранбениот сектор, училиштата и јавните водоводни претпријатија и пречистителни станици, за кои до крајот на април Владата обезбедува пониска, фиксна цена на електричната енергија.
Поевтината струја ќе овозможи стабилизирање на пазарот, и намалување на цените на основните прехранбени производи за најмалку 10 отсто“, додаваат од таму.
