СДСМ КОНТРА ТОДОРОВ: Има ли скандал на очна клиника со инфекции?
Опозициската СДСМ веќе неколку дена обвинува дека оперирани пациенти на Клиниката за очни болести добиле инфекција поради употреба на несоодветен препарат, а од Клиниката им порачуваат да ги остават тие да се грижат за пациентите.
„СДСМ го повикува Никола Тодоров да објасни дали на Клиниката за очни болести се случил скандал од огромни размери и дали и како е тој поврзан со него? Дали компликациите на пациентите со оперирани очи се поради употреба на несоодветен препрарат за време на операција? Кој го донел препаратот на Клиниката за очни болести и наложил негова употреба? Колкумина пациенти се во ризик од компликации и дали и како тие компликации ќе се одразат врз видот на пациентите“, стои во денешнотосоопштение од партијата.
Според нив, последната информација од болнички извори е дека бројката на пациенти со компликации после операција се искачил на повеќе од 25 пациенти.
„И денеска демантираме дека на нашата клиника има повеќе од 25 пациенти со какви било здравствени проблеми. Од ден на ден се изнесуваат лаги и невистини, а особено сме вчудоневидени како на дрзок и безобразен начин си играат со бројот на пациенти: 15, 25, повеќе од 25 и така натаму, како и со интегритетот на нашата здравствена институција, велат од клиниката“, велат од Клиниката.
Според нив, обвинувањата од страна на опозицијата се лаги и дезинформации и прашуваат дали е тоа поради политички, бизнис или личен интерес.
„Доволно се грижевте за здравјето на нашите пациенти, ве молиме повеќе да не се грижите, оставете го тоа на вистинските и докажани професионалци. Клиниката за очни болести ќе продолжи да ја работи својата работа професионално и во континуитет во интерес на здравјето на пациентите“, стои во реакцијата.
