СДСМ контра Јанакиевски: На мета продажба на скапо државно земјиште во центарот на Скопје
Опозициската СДСМ денеска објави документи со кои тврди дека министерот Јанакиески дозволил продажба на државно земјиште на атрактивна локација среде Скопје, кај зградата на Авто Македонија, за само 100 евра по метар квадратен!
-„Министерството за транспорт и врски, на јавното наддавање во јуни 2012 година, продало две парцели кај Авто Македонија со вкупна површина од 1.245 метри квадратни. Цената е 7.656.750 денари, или 6.150 денари за метар квадратен. Значи 100 евра по м2“, тврдат од опозицијата.
Според имотниот лист кој го има опозицијата купувачот на земјиштето, во март годинава, ова земјиште го заложил под хипотека за кредит, во вреденост од 19.988.000 денари, или 327.672 евра!
„Сега, бидејќи банките одобруваат кредит што е третина од вистинската вредност на заложениот имот, а во случајов станува збор за кредит од над 300.000 илјади евра, дали ова упатува дека вистинската вредност на земјиштето што Јанакиески го продал за 126.000 евра всушност изнесува околу 1.000.000 евра?!““, прашуваат од СДСМ.
Од опозицијата прашуваат дали Миле Јанакиески продал државно градежно земјиште дури 8 пати помалку од вистинската вредност, и за какви интереси го направил тоа
кога решил да ги оштети граѓаните за над 800.000 евра?
Од СДСМ велат дека на овој простор требало да никне уште една гаража на што категорично се спротивставуваат граѓаните од овој дел на Скопје, бидејки ќе им го блокира единствениот пристап за Брза помош и противпожарните возила.
Од Министерството за транспорт и врски ги демантираат овие тврдења на опозицијата дека било продадено земјиште во центарот на Скопје по многу ниски цени.
Во нивниот демант стои дека во јуни 2012 година најтранспаренто преку јавно наддавање продаде една, а не две парцели кај АвтоМакедонија како што велат до СДСМ, а земјиштето го купило правно лице кое понудило највисока цена на јавното наддавање.
„Сакаме да потенцираме дека постапката за продажба на земјиштето беше јавна и транспарентна и на нејзе можеше да се пријави било кој што имал интерес да го купи земјиштето. Во конкретниот случај на јавното наддавање беа пријавени две фирми и тоа Никофон и Сити Централ Интернационал. Почетната цена на земјиштето беше 1850 денари по метар квадратен, а преку јавното нддавање парцелата беше продадена за 6150 денари по метар квадратен што претставува неколкукратно зголемување. Компанијата што понуди највисока цена го купи земјиштето за 7 656 750 денари“ се вели во демантот.
Компанијата што го купила земјиштето, според Министерството, ставила под хипотека дополнително уште две недвижности со цел да подигне кредит.
„Имено покрај градежното неизградено земјиште за наведениот износ на кредит ставени се под хипотека и деловeн објекти на улица Македонија од 150 метри квадратни и уште еден простор на истата улица од 29 метри квадратни. Дополнително висината на средствата кои се подигнати се искористени за да се плати надоместокот за уредување за земјиштето со намена катна гаража. Каде Петре Шилегов гледа криминал во целата оваа продажба? Kако правник го повикуваме да каже кој закон е прекршен“ се додава во демантот.
