СДСМ: Колапсот на системот во државава резултира со непоправливи трагични последици
Денешното тројно убиство, овојпат извршено од страна на професионален војник на АРМ, е нов доказ за целосно нефункционирање на институциите на системот во Македонија, реагира опозицијата.
Опозицијата бара Министерството за обрана и Генерал Штабот на АРМ, коишто излегоа со експресно тврдење дека војникот бил во добра здравствена и психофизичка состојба, да и одговорат на јавноста на следниве прашања:
-Дали МО и ГШ имаат информации дека професионалниот војник имал семејни проблеми подолг временски период?
-Дали професионалниот војник бил повеќе пати пријавуван од членови на неговото семејство за физички напад и насилство?
-Ако е така, дали согласно професионалните стандарди во АРМ на војникот требало да му се дозволи да работи на стража?
-Дали службите во МО и ГШ свесно дозволиле и покрај сите овие околности професионалниот војник да должи оружје?
Сето ова упатува на сериозни институционални пропусти, велат од СДСМ.
СДСМ длабоко сочувствува со семејствата на жртвите и бара одговорност за трагичниот настан во којшто се одземени три човечки животи.
За еден месец ова е второ тројно убиство, по грозоморното убиство во Кавадарци. Колапсот на системот во државава резултира со непоправливи трагични последици, се вели во соопштението на опозицијата.
