СДСМ ќе тужи за нелегална верификација на мандатите
СДСМ ќе покрене постапка пред Управниот суд заради, како што велат, нелегална верификација на пратеничките мандати. Од Собранието ќе бараат поништување на одлуката за потврда на мандатите, донесена и покрај тоа што избраните пратеници со изјава се откажале од мандатот.
„Досега беа дозволени вакви изјави од пратеници за откажување од пратеничкиот мандат и Собранието не ги верификуваше тие мандат. Имавме 3 такви случаи, меѓу кои и случајот на Зоран Заев од претходниот состав“, велат од СДСМ.
Пратениците кои со изјава се откажале од мандатот, сега заради ваквиот начин на верификација мора да се откажат од своите работни места.
„Функцијата пратеник е неспоива според законот со други функции, како советник, градоначалник, доктор, професор, адвокат и слично. Сега, сите оние пратеници кои го одбија пратеничкиот мандат, мораат да се откажат и од другите работи бидејќи тие не се враќаат во парламентот, а мандатите им се верификувани и покрај оставките“, објаснуваат од СДСМ.
Како пример го наведуваат случајот на советничката Софија Куновска, која беше избрана во Собранието и се откажа од мандатот, но затоа што мнозинството сепак и го верификува, го губи и мандатот во Советот на Град Скопје.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска ги повика пратениците од опозицијата да се вратат во Собранието и да се приклучат на работата на законодавниот дом, кој до крајот на месецот треба да ја одржи првата редовна седница и да избере потпретседатели на Собранието.
Слично
