СДСМ ја обвини власта дека фалсификува податоци за економијата
Владата манипулира и ги фалсификува статистичките податоци со што создава лажна слика за македонската економија, обвини денеска опозицискиот СДСМ.
„Министерството за финансии цела година манипулира дека Бруто домашниот производ за 2013 ќе изнесува 8 милијарди и 31 милион евра. Во одбрана на оваа нереална бројка се вклучи и независниот гувернер Богов. Но, пред четири дена Државниот завод за статистика ги демантираше и Министерството за финансии и Гувернерот Богов. БДП за 2013 година според Статистика номинално изнесува само 7 милијарди и 710 милиони евра“, вели Кире Наумов, претседател на Совет за економски прашања на СДСМ.
Според него, со ваквото потфрлање во проекциите продолжува да продуцира и други лажни податоци. Така, на пример, буџетскиот дефицит не е 3,9%, туку испаѓа дека е речиси 4,1% од БДП, а долгот на централната влада не изнесува 34,3%, туку 35,8% од БДП или 2,75 милијарди евра, нагласи Наумов.
Според ВМРО-ДПМНЕ, сите факти зборуваат против тврдењата на Наумов. Секогаш кога Македонија ќе постигне некој завиден економски резултат СДСМ излегува со обвинувања и шпекулации, со единствена цел да покријат колку тие биле неуспешни кога биле на власт, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„Кире Наумов, Ванчо Узунов и другите таканаречени економски експерти на СДСМ прогнозираа грчко сценарио и велеа дека Македонија ќе има негативни економски резултати за 2013 година. Наспроти тоа ММФ и Светската Банка велеа дека Македонија е ниско задолжена земја и проектираа економски раст кој е многу блиску до владините проекции и до она што беше реализирано“, стои во соопштението од владејачката партија.
Слично
