СДСМ: Историски највисок долг на Македонија
Од своето осамостојување Македонија има историски највисок долг на централната влада. Тоа се неверојатни 3 милијарди и 300 милиони евра, или долг од уште поневеројатни 41 процент од БДП, изјави на денешната прес конференција Кире Наумов, претседател на Советот за економски прашања на СДСМ.
Ако се земе предвид јавниот долг, односно долгот на државата, без долговите на Народната банка, тука лежи уште еден историски рекорд.
Со последното задолжување од 500-тини милиони евра, јавниот долг изнесува историски највисоки 4 милијарди и 200 милиони евра! Тоа се историски 52 процента од БДП, додава тој!
Имено според него Власта на Никола Груевски, успеала да постигне и неколу други рекорди само за 6 месеци од 2014 година.До јуни, Владата реализираше историски највисок дефицит за едно полугодие, од неверојатни 240 милиони евра. Тоа значи дефицит од 3 проценти од БДП, за половина година. За потсетување, тоа е дозволениот максимум на буџетски дефицит за цела година кај земјите членки на ЕУ. За да биде парадоксот поголем истата таа власт на Груевски, којашто за половина година го направила буџетскиот дефицит од 3 проценти од БДП, предлага уставно ограничување на дефицитот, на 3 проценти, на годишно ниво, вели Кире Наумов, додавајќи:
-„До јуни власта на Груевски оствари и историски најголемо потфрлување во вкупните приходи во Буџетот, кои се помали за дури 178 милиони евра од планираните за 2014. Сега станува јасно зошто се воведува обврската за плаќање придонеси за хонорарците, зошто ќе се воведува ДДВ за најмалите фирми, зошто скокнаа цените на регистрациите и патарините за фантастични 30 проценти... Затоа што дојде време за плаќање на сметките од погрешните и манипулативни политики на власта на Груевски, што натоварија милионски давачки на грбот на граѓаните. Овој пат предупредувањата не се само од СДСМ. За прв пат после неколку години со проценки за висината на задолжувањата на Македонија реагира Мегународниот монетарен фонд. Речиси истовремено, три големи земји, САД, Велика Британија и Германија, директно и синхронизирано, излегоа со критики за фискалната политика во Македонија, отворено изразуваајќи загриженост за одржливоста на долгот и затвореноста на власта за објавување на вистински податоци“. -Оттука, за почеток повикуваме Ставрески и Груевски да не манипулираат туку да им соопштат на граѓаните во Македонија колку е сериозна ситуацијата со задолженоста на државата. Во меѓувреме да се откажат од нивните игри со табели и фалсификати за Бруто домашниот производ, што само за минатата година значеа свесно преценување на БДП од 300 милиони евра. БДП за 2014 година мора да остане проектиран реално, на околу 8 милијарди и 100 милиони евра, каква што е всушност и проценката на Ставревски во сите документи за оваа година како и на ММФ во своите извештаи за 2014, велат од САДМ. Одговор на новинарско прашање Медиуми: Како ги коментирате новите измени на Законот за ДДВ? Наумов: Со измените, ДДВ обврзници стануваат помалите компании. Вчера имавме реакција за ова. Во еден дел од овој прес, кажуваме дека е тоа очаен потег во којшто едноставно се бараат начини и тоа во овој период пред одморите, згуснато, Владата да најде различни начини како ќе го полни очигледно колабираниот Буџет. И нема ништо друго. Нема никакво оправдување дека тоа значи некаков чекор напред да непостои лојална конкуренција. На крајот на краиштата, ако тоа било нешто што значи лојална конкуренција или пак нешто што е пракса во западните земји зошто некој не го направил во овие 8 години и зошто тоа го оставал да биде така? Значи, чисто само начин како да се исцрпат средства од помалите компании. И ќе влијае многу негативно на малите бизниси. Пред се, заради тоа што можеби мерката би била нормална и не би предизвикала ништо посебно ако се работи за држава којашто редовно го врши повратокот на ДДВ. Тоа не е состојба во Република Македонија од оваа Влада.