СДСМ: Имотот на власта за партиски простории чини 11 милиони евра
Денеска од опозициската СДСМ во јавноста објавија документи со кои тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ има купено огромен партиски имот низ цела Македонија и истиот чини над 685 милиони денари или 11 милиони евра.
Според оваа партија се работи за 63 објекти на различни локации со вкупна квадратура од близу 12.000 метри квадратни, во најголем дел купени во 2014 година.
„Додека граѓаните мака мачат со сиромаштијата, нискиот стандард и не можат да обезбедат кров над главата, ВМРО-ДПМНЕ се расфрла со милиони за своите партиски седишта“, истакна на денешната прес конференција Шилегов.
Анализирајќи ги имотите од СДСМ велат дека во Центар, на плоштадот Пела во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ купила имот вреден речиси половина милион евра додека во Битола, вредноста на партискиот имот на ВМРО-ДПМНЕ изнесува над 260 илјади евра.
Во Влае, ВМРО-ДПМНЕ купила имот вреден над 230 илјади евра. Во Охрид, ВМРО-ДПМНЕ купила партиски имот вреден 200 илјади евра, во Кочани над 120 илјади евра, во Штип над 120 илјади евра, во Кавадарци над 100 илјади евра... Градежната вредност на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, споменикот над сите споменици на криминалот на Никола Груевски изнесува над 7 милиони евра.
Од СДСМ прашуваат како ВМРО-ДПМНЕ успеала да стекне огромен имот вреден над 11 милиони евра кога партиите се непрофитни организации?
