СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во кавга за тоа кој ги „крадел“ изборите
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ денеска меѓусебно се обвинуваа за тоа кој ги крадел изборите, и кој се плаши да признае дека губи на избори.
Од СДСМ велат дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски признал дека ги „краде“ изборите и Уставниот суд ќе ги аболицира овие кривични дела.
„Се потврди она што сите го знаат во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски организирано спроведувале изборен грабеж. Срамната одлука на Уставниот суд не е ништо друго освен класична злоупотреба на партиските инсталации во судството, со надеж дека Груевски ќе се спаси од одговорноста, дека ќе ја спаси сопствената кожа. Затоа беше поднесена оваа иницијатива до Уставниот суд и затоа експресно беше реализирана“- стои во реакцијата на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека нивните политички противници вршат притисок врз Уставниот суд.
„СДСМ најгрубо врши притисок врз Уставниот суд, бидејќи лидерството на партијата нема капацитет за да признае дека губи на избори поради сопствената неспособност. Затоа СДСМ го поларизира силно народот и го насочува кон рушење на институциите на државата и системот. За СДСМ полесно е да се рушат државните институции, отколку да се признае сопствената некадарност и безидејност за фер политичка битка, која ја прикриваат со деструкција и насилие врз секој што не размислува по теркот на „Бихаќка“- наведуваат во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ вршела притисок врз Уставниот суд и во 2009 година, но тогаш, сакала да ги поништи измените во законот за помилување кои ги предложи ВМРО-ДПМНЕ и тврдеше дека се неуставни.
Слично
