СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во битка за пензионерските гласови!
Зголемување на пензиите, бесплатен превоз, бањско лекување, сместување во домови, енергетска заштита. Програмите на двете најголеми партии се прилично инвентивни кога станува збор за пензионерите. Еве што пишува во изборните ветувања.
Ветувања на ВМРО-ДПМНЕ за пензионерите
ВМРО ДПМНЕ на пензионерите им ветува дека ќе им ги зголемува пензиите по 5% годишно, со исплатата на пензијата за јуни. Вкупното зголемување на пензиите за четири години ќе изнесува 21,5% Тоа ќе чини 2.304.000.000 денари на годишно ниво.
Освен вторник, петок и сабота, ќе им овозможи бесплатен превоз во автобусите и во недела.
А од 2015 година ќе добијат и бесплатен викенд во одморалиштата и хотелските комплекси Охрид, Дојран, Струга, Преспа, Берово и Крушево. Во овој проект влегува платен превоз, ноќевање и 2 полни пансиони. Оваа услуга ќе може да ја користат лица - корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија, а лицата корисници на пензија кои користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице имаат право на придружник. Предност ќе имаат корисниците на пониска пензија. Секоја година оваа услуга ќе може да ја користат до 3.000 корисници на пензија во пролетниот и есенскиот период, односно 12.000 пензионери за 4 години. За ова ветување ВМРО-ДПМНЕ пресметало дека ќе потроши 10.760.000 денари на годишно ниво или 43.040.000 денари вкупно за 4 години.
На пензионерите им се ветува и бесплатен викенд (петок, сабота и недела) еднаш во месецотза превоз на старите лица во железничкиот сообраќај во Република Македонија. Сите стари лица мажи над 64 години и жени над 62 години ќе имаат право на бесплатен превоз во повратен правец во определен викенд во месецот.
Услугата на бањско-климатска рекреација ќе може да се користи еднаш во период од втората половина на март до ноември во траење од 7 дена и ќе опфаќа: 6полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија,еден задолжителен здравствен преглед, трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во којашто ќе се користи услугата на бањско климатска рекреација.
Ветување на СДСМ за пензионерите
СДСМ во изборната програма најавува зголемување на пензиите, потенцирајќи дека согласно финансискиот капацитет на државата, ќе се дадеме приоритет на зголемувањето на износот на најниската пензија и ќе настојуваме таа да ги покрива трошоците за живот на пензионерите.
Покрај бесплатниот градски превоз во вторник и петок, на пензионерите во Скопје, СДСМ им нуди бесплатен градски превоз и во сите други денови во неделата, во периодот помеѓу 9 и 14 часот.
За пензионерите од внатрешноста пак се најавуваат субвенции за превоз во висина на трошоците за превоз на пензионерите од Скопје.
За пензионерите во рурални средини кои се оддалечени најмалку 10 километри од најблиската аптека, ќе воведеме систем на достава на лекови најмалку два пати месечно;
За семејства на пензионери кои се корисници на најнизок износ на пензија СДСМ им ветува енергетска заштита, преку доделување помош за струја, гас или огревни дрва.
За немоќните пензионери со ниски пензии, за кои нема кој да се грижи, се најавува субвенционирано сместување и згрижување во домови.
На оние лица на кои им недостасуваат до 5 години работен стаж за да стекнат право на пензија, ќе им се овозможи да извршат докуп на стажот.
Понатаму од СДСМ на пензионерите им ветуваат дека ќе овозможат временски неограничено важење на Законот за пензиско и инвалидско осигурување во делот на правото на земјоделските осигуреници за остварување на право на признавање на пензиски стаж по Законот за старосно осигурување во периодот од 1978 до 1988 година (враќање на укинатиот чл. 203), но и и изградба на пензионерски домови.
СДСМ најавува можност за заминување во пензија по два основа: (1) возраст (постојно решение) и (2) работен стаж (ново, дополнително решение. По 35 години работен стаж (за жени) или 40 години (за мажи) граѓанинот сам ќе може да одлучи дали да замине во пензија и пред навршување на 62 односно 64 години.
На лицата што нема да извршат докуп на стаж и не се корисници на каква било парична помош од државата, им се нуди државна социјална пензија, која ќе биде во висина од 40% од просечната старосна пензија.
С.Н,
Слично
