СДСМ и ВМРО ДПМНЕ уште спорат: Колку должи државата?
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески е нервозен, затоа што знае дека презентираните податоци за јавниот долг не се точни, вели Кире Наумов, претседател на Советот за економски прашања на опозицискиот СДСМ.
„Власта ја претставува Македонија како четврта најмалку задолжена земја во споредба со останатите држави од Европа. Што е лага. Груевски и Ставревски долгот на централната влада на Македонија го споредуваат со јавниот долг на останатите држави, а не со долговите на нивните централни влади. Што се две сосема различни работи“, изјави тој.
Наумовски објаснува дека јавниот долг го вклучува државниот долг и долгот на јавните претпријатија и трговски друштва што се во целосна или доминантна сопственост на државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, и на Народната банка на Република Македонија.
„Почитувајќи го овој закон, произлегуваат три факти: јавниот долг на РМ без долгот на НБРМ, според документот објавен од Министерството за финансии и потпишан од министерот Ставревски на 30.09 2013 година, изнесува 40,2 отсто од БДП. Но вицепремиерот и министер Ставревски не сака да ја изговори оваа бројка. Бидејќи другите не знаеле да читаат, а Ставревски знаел, СДСМ бара од вицепремиерот за финансии само јавно и гласно да ја прочита бројката зад којашто стои со својот потпис“, побара Наумов.
Реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде оценуваат дека Наумов во две последователни пресконференции самиот се демантира и презентира различни бројки.
„Во понеделник вели јавниот долг е 44 отсто од БДП, сега дека јавниот долг е 40%, утре ќе излезе и ќе каже дека јавниот долг е 38%,…, Подобро е да каже колку е јавниот долг што го остави СДСМ“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2005 година кога заминуваа од власт јавниот долг беше 41,4 отсто. Зошто тоа не го кажува во јавност Кире Наумов? СДСМ мора да сфати дека податоците за Македонија дека е четврта најмалку задолжена земја не се само тврдења од Владата на Република Македонија. Ова го потврдуваат и релевантните меѓународни финансиски институции како Светската Банка и ММФ, како и сите кредитни агенции. Ако СДСМ се противи на овој факт, тоа значи дека ја оспорува релевантноста на ММФ“, наведува ВМРО-ДПМНЕ.
Што анализираат експертите, каква е стостојбата со задолженоста на Македонија, повеќе на следниот линк:
Зошто е тешко да се каже колку вкупно должи Македонија?
Слично
