СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со различни ставови – кога образованието беше подобро?
Власта ја призна катастрофата на образовните политики, смета опозицијата. Според СДСМ, признанието дошло лично од премиерот Никола Груевски, кој истакна дека е потребно екстерно тестирање за да се подобри квалитетот на високото образование.
„Откако отворија разни универзитети, измислени факултети, дисперзирани студии каде што стигнаа, за да земат дипломи сите што требаше да седнат во функционерските фотељи, сега за Груевски истите тие образовни установи, замислете, не се доволно добри“, рече Петар Атанасов, претседател на Комисијата за образование на СДСМ.
Тој оценува дека воведувањето на екстерните тестови ќе биде дополнителна грешка, затоа што на тој начин ќе се прекрши уставното право на образование што го има секој млад човек.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, веднаш реагира со тврдење дека токму за времето на СДСМ образованието било можност само на привилегираните, додека денеска секој може да се образува.
„Владата го направи високото образование достапно за граѓаните повеќе од кога било во минатото, за разлика од владеењето на СДСМ кога правото и можноста за студирање беа навистина скапи, а студирањето беше достапно само за децата на партиски олигарси. Денес состојбата е поинаква. Македонскиот високо образовен систем е добро позициониран од квалитативен и квантитативен аспект. Но, тоа никако не значи дека еднаш поставените и достигнатите стандарди не треба да се надградуваат и да ги следат светските, современите образовни трендови“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Токму во тој контекст се посочува екстерното тестирање, кое според партијата на власт „е реформа која што постои и се применува во најголем дел од земјите во светот кои посветуваат сериозно внимание на квалитетот на високо образовниот систем“.
„Со оваа реформа на никој нема да му биде нанесена штета. Единствено, ќе бидат заштитени и повеќе вреднувани студентите коишто со личен влог и макотрпна работа го стекнале знаењето, за сметка на оние кои студирањето го сфатиле како екскурзија“, уверуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Слично
