СДСМ го отфла, ДУИ не го сака предлогот на Груевски за предвремени избори
За СДСМ предлогот за предвремени избори е инициран од економската катастрофа и немањето друг излез, за ДУИ предвремените избори не се решение за наталожените приблеми. Вака и двете партии го одбија предлог ставен на маса од премиерот Никола Груевски, со кој предвремените парламентарни избори ќе помогнат да се надмине пат позицијата по случувањата на 24 декември.
Груевски пак бега од договореното и бега од одговорноста, бега од проблемите и нема решенија, изјави потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска која на прес конференцијата посочи дека било договорено со членовите на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ, да се донесе извештај во кој ќе пишува дека за време на „црниот понеделник“, Уставот бил прекршен при отстранувањето на пратениците од опозицијата.
„ДПМНЕ залудно го врзува извештајот на комисијата за 24 декември со предвремените парламентарни избори. Предвремените парламентарни избори зависат од владиното парламентарно мнозинство и се врзуваат не за извештајот за 24 декември, туку за економската катастрофа во која нè доведоа, неможноста да се реализира буџетот ваков каков што е донесен, за раскалашното трошење на власта, за празната државна каса, за потребата од ребаланс на буџетот, што е доказ дека СДСМ беше во право кога ги поднесе амандманите на буџетот за 2013 година“, изјави Шеќеринска.
Според неа ваквиот предлог е алиби за лошиот европскиот извештај што следи, за партиското судство, за замолчувањето на медиумите и останатите проблеми.
„Ве повикуваме да се согласите со формулацијата за прекршување на Уставот со исфрлањето на новинарите од собраниската галерија, бидејќи на секој наш граѓанин му е јасно дека беше повредена слободата на информирање. Жално е да тврдите дека новинарите биле безбедносна закана во Собранието и затоа морале да бидат отстранети од галеријата. Сите наши граѓани знаат дека единствената причина и цел на отстранувањето на новинарите беше тие да не ги видат сликите на бруталното исфрлање на опозицијата од Собранието“, истакна Шеќеринска и додаде дека нема да дозволат изборите уште еднаш да бидат криминални и да не претставуваат решение за вистинските проблеми во Македонија.
И за коалиционерот на ВМРО ДПМНЕ, партнерот ДУИ предлогот за предвремени избори е неприфатлив и тие не се во интерес на граѓаните и на државата. Од ДУИ посочија дека ако биде ставен на дневен ред, тие нема да гласаат за распишување предвремени избори.
„Ние сега сме концентрирани на други интереси, на интересот на граѓаните, а тој интерес не кореспондира со избори, бидејќи сметаме дека изборите не се решение за предизвиците со кои се соочува државата и проблемите со кои се соочуваат граѓаните на МК, граѓаните не избрале да испорачаме резултати, да ги решиме проблемите, ќе се послужам со метафората - да даваме голови, а не топката да ја вратиме кај судијата или кај публиката“, изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.
Според портпролот, сега треба да се помогне двете водечки партии од македонскиот блок да дојдат до консензус за извештајот за 24 декември. Ако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се договорат да се распушти Собранието, тогаш ДУИ ќе ја поддржи инцијативата, забележа Османи.
Слично
