СДСМ: И ДИК констатираше оти избори на 5 јуни нема да има
Потпретседателот на СДСМ посочи дека избори на јуни нема да има повикувајќи се на вчерашните констатации на ДИК.
„И дијаспората кажа НЕ на наместени избори. Согласно официјалните податоци од ДИК, во дијаспората за гласање се регистрирале вкупно 4848 гласачи. Тоа значи дека дури и Груевски на сила да сака да глуми избори, во дијаспората нема да се организира гласање“, изјави Дамјан Манчевски.
Тој во име на најголемата опозициски партија СДСМ уште еднаш побара итно свткување на Собранието и поништување на одлуката на претседателот Иванов за аболиција.
Доколку изборите неминовно се одржат тогаш дијаспората нема да гласа оти не се пријавиле доволно гласачи.
Инаку вчерашниот јавен увид во избирачкиот список покажал дека во три изборни единици има отстапување од законски дозволениот број на гласачи по изборна единица.
За овој проблем Државната изборна комисија преку писмо ќе го извести претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
Не му сугерираат ништо, освен што го повикуваат да постапи според законот. Со тоа, сепак, му даваат можност, да го свика веќе распуштеното Собрание за да може да се измени Изборниот законик, со што, пак, изборите закажани за 5-ти јуни, ќе мора да се одложат.
Во третата изборна единица има 5,77 проценти помалку гласачи од потребното. Во четвртата се 5,12 проценти помалку, додека шестата изборна единица има 6,50 проценти повеќе гласачи од дозволеното, што значи дека е неопходно нивно прекројување.
