СДСМ: Груевски и неговата власт ги лажат граѓаните дека ќе ја гасифицираат Македонија
Груевски и неговата власт ги лажат граѓаните дека ќе ја гасифицираат Македонија, обвинуваат од СДСМ.
Од СДСМ бараат Никола Груевски и неговите соработници во Министерството за транспорт и врски да излезат и да кажат колку ги чинат граѓаните физибилити студиите за пропаднатата гасификација на скопскиот регион и за останатите два региона, источен и западен.
Бараат одговор за тоа колку пари досега се потрошени за изработка на тендерските документации и која е потрошената сума за сите други пропратни документи. Од партијата обвинуваат дека 10 години Груевски и неговата власт ги лажат граѓаните дека ќе ја гасифицираат Македонија, а сега го поништија и огласот за изградба на дистрибутивна мрежа, конечно објавен пред 3 и пол години.
„Тоа се случува токму кога цената на гасот е на најниско ниво во последните децении, што можеше да им ги намали трошоците на граѓаните кои ги донесоа во огромна сиромаштија. Знаат и сакаат само скапи студии и тендери за еден ист проект. Социјалдемократскиот сојуз бара Груевски да им ги врати парите на граѓаните за скапите студии и процедури. СДСМ успешно ги гасифицираше општините со коишто раководи и по 11 декември ефтиниот и еколошки енергенс, гасот, ќе го направиме достапен за сите граѓани во Македонија“ – реагираат од СДСМ.
СДСМ најавува дека ќе спроведе детална истрага за криминалот и лагите за гасификацијата.
