СДСМ: Груевски го избриша усогласувањето на социјалната помош со трошоците за живот
„Со измените и дополнувања на Законот за социјална заштита власта на Никола Груевски го избриша усогласувањето на социјалната помош со трошоците за живот. Идентично како што направи со пензиите. Укинувањето на законската усогласеност со трошоците за живот власта ја заменува со наводно зголемување на социјалната парична помош и постојаната помош за 5% од 2015 година.
Овие 5% во реални бројки значат 100 денари повеќе за примателите на социјална парична помош. Граѓаните нема да можат да си купат ни дополнителен килограм грав во текот на еден месец“, изјави на денешната прес конференција Мила Царовска. -За примателите на постојана парична помош зголемувањето е околу 250 денари или килограм сирење во текот на цел месец. Но, ако се земе во предвид планираната инфлација од 2% за следната година и бришењето на законската усогласеност со трошоците за живот, јасно е дека вака најавено зголемување од 5% нема да значи речиси ништо, вели таа. Како сега граѓаните ќе ги поднесат зголемувањата на трошоците за живот што следат во 2015 година?, прашува Царовска. „Со честите промени на законот за социјална заштита, кој од 2013 година до денес се сменил 7 пати, ВМРО ДПМНЕ направи хаос во системот на социјална заштита. Непланските и несоодветни измени ги збунија граѓаните кои треба да ги користат социјалните бенефиции, им ги скратија загарантираните права и ги направија зависни од волјата на Владата, реагираат од опозицјата. Наместо вакви решенија кои си поигруваат со граѓаните и не им ги остваруваат гарантираните права СДСМ нуди политики и мерки кои обезбедуваат: • Сите граѓани да можат да ги покријат трошоците за да јадат месо, риба или соодветна протеинска замена секој втор ден • Сите граѓани да можат да ги покријат трошоците за кирија, режиски трошоци и комунални услуги • Сите граѓани да можат да ги покријат трошоците за затоплување на домот Особено што погрешните политики на власта допринесоа, во моментов, дури 50% од вработените да не можат да ги покријат овие трошоци. Процентите се драстично полоши за примателите на социјална помош и за невработените, информираат од СДСМ.
