СДСМ го усвои извештајот за изборите, се гласа за доверба на раководството
Делегатите на Конгресот на СДСМ го усвоија извештајот за резултатите на партијата на последните предвремени парламентарни и претседателски избори. Извештајот беше усвоен едногласно, со поддршка од сите присутни делегати, на јавно гласање.
По ова, на тајно гласање, делегатите се изјаснуваат за доверба на актуелното раководство на партијата и за концептот на идно делување по непризнавањето на изборните резултати.
Токму на оваа тема се водеа најжестоки дискусии на денешниот клучен Конгрес за опозициската партија. Дел од делегатите, меѓу кои најгласни беа Есад Рахиќ, Гордан Георгиев и Митре Вељановски побарале оставка од лидерот Зоран Заев, како одговорност за изборниот пораз.
Заев и заменик-претседателката Радмила Шеќеринска изјавија дека нема да се повлечат, аргументирајќи дека само 10 месеци се на чело на партијата, време во кое биле преземени многу чекори и разоткриени корупциски скандали на владејачката гарнитура.
Со апели за единство и приоритет да биде интересот на партијата, а не личниот, говореа Рената Десковска, Мики Вујиќ и Стефан Богоевски. „Да не се водиме од емоции, ни требаат и Зоран Заев, и Радмила Шеќеринска, но и Бранко Црвенковски“, изјавила Десковска.
За да се изгласа (не)доверба на актуелното партиско раководство потребни се гласовите на повеќе од половина од присутните делегати на Конгресот, под услов тоа да не е помалку од 1/3 од вкупниот број делегати.
Слично
