СДСМ: Фантомските гласачи на една адреса за Груевски биле привид
Од опозициската СДСМ реагираат на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој вели дека важно е државјанството на тој што гласа, а адресата е друго прашање!
Груевски изјави дека „гласачи на избори се сите лица кои имаат државјанство, а не оние кои живеат на онаа или оваа адреса. СДСМ се обидува вештачки да создаде привид дека има некаков хаос и неправилности во Избирачкиот список се со цел да си создадат алиби за својот неуспех затоа што се свесни дека мнозинството граѓани не сакаат да гласаат за нив. Тие не може да се соочат со тоа и да излезат пред нивното членство и да кажат дека изборите ги изгубиле чесно“.
Од СДСМ пак велат дека привиденијата на Груевски го покажуваат неговиот страв од соочување со одговорноста
„Хаосот во избирачкиот список, фантомските гласачи впишани на една адреса биле привид за Никола Груевски.
Привиденијата на Никола Груевски всушност го покажуваат огромниот страв од соочување со одговорноста за сите изборни измами, за сите изборни грабежи.
На сите им е јасно дека Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ спроведувале криминални избори и дека го краделе правото на слободен глас на граѓаните“, реагираа од партијата на Заев.
Од СДСМ велат дека на сите им било јасно дека секој што правел изборна измама и изборен криминал ќе одговара.
