СДСМ-ЕЛЕМ: Зошто растат сметките за струја?
Раастат сметките за струја поради неодговорното трошење во ЕЛЕМ, обвинува СДСМ. Од ЕЛЕМ пак реагираат- тезите се погрешни.
Како што денеска изјави пратеникот од СДСМ, Благоја Стојановски за седум години двојно се зголемени сметките за електрична струја како последица на неодговорното трошење пари во ЕЛЕМ и МЕПСО. Тој обвини дека во 2006 година за откоп на јаглен и јаловина, АД ЕЛЕМ потрошиле околу 167 милиони денари, а следната 2007-ма, околу 440 милиони денари, односно 500 милиони денари во 2008.
Според Стојановски, нелогично е тоа што сумите за откоп на јаглен и јаловина се поголеми, а во исто време производството на струја во РЕК Битола и во 2007 и во 2008, е помало од она во 2006 година. Проблематично за опозицијата е и тоа што од 29 април 2010 до 7 декември 2012 година, ЕЛЕМ склучил 26 јавни набавки за ангажирање градежна механизација, а како што велат, станува збор за дисконтинуиран ископ и транспорт на јаглен и јаловина во вредност од околу 140 милиони евра.
„Само за две набавки, за ископ и транспорт на јаглен и јаловина, во РЕК Битола склучени се договори за околу 70 милиони евра, посочи Стојановски, прашувајќи колку механизација може да се купи за 70 милиони евра или за 140 милиони евра“, истакна Стојановски.
Во реакцијата на АД ЕЛЕМ стои дека СДСМ толкува документи и пласира тези кои се невистини за да ги оспори активностите во најголемиот производствен капацитет за производство на електрична енергија РЕК Битола.
„Споредуваат неспоредливи податоци за тоа колку средства до 2006 година се трошеле по основ ангажирање на надворешна механизација за ископ на јаглен во дисконтинуиран режим, а колку по 2007 година, притоа заборавајќи на неколку факти. Во времето кога СДСМ раководеше со комбинатот, постоеше само рудникот за јаглен Суводол како единствен извор на гориво за ТЕ Битола. Почнувајќи од 2007 година, па до денеска во рамките на комбинатот се отворени уште два нови рудници- Подинските јагленови серии и јагленокопот Брод Гнеотино, инвестиции вредни повеќе од 100 милиони евра“, соопштуваат од компанијата од каде што велат дека поради зголемениот обем на работа од новите извори на јаглен за продолжување на животот на термоелектраната, процесот на работа барал екстра механизација во дисконтинуиран режим.
Аактивности за дисконтинуиран ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина има и на Микро локација 3, велат од ЕЛЕМ, а Согласно концесиските договори, имаат обврска да ги исцрпат сите постоечки ресурси за да постигнат целосна ефикасност при експлоатација на јаглен во рудникот Суводол.
„Во времето на СДСМ овие два рудници воопшто и не постоеле, па логично и трошоците за ископ на јаглен биле помали, иако рудникот Брод Гнеотино требаше да биде отворен далеку пред 2006 година“, забележуваат од компанијата.
Слично
