СДСМ: Да се укине мерката притвор за Шиповиќ
Судот да ја укине мерката притвор за Мирослав Шиповиќ и неговите соработници и да им дозволи да се бранат од слобода, изјави денеска претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев.
Само така, нагласи, власта ќе покаже дека целта е истрага за финансиски криминал, а не блокада на работењето на Општина Центар.
Според Заев, судот нема аргументи за изрекување мерка притвор.
- Мирослав Шиповиќ нема намера да избега од земјава. Напротив, тој го прекина својот престој во САД и порано од предвиденото се враќа во Македонија и е подготвен да ја докаже својата невиност. Шиповиќ не може да го повтори делото. Што и да се случувало, завршило пред повеќе години. Ниту може да влијае на сведоците, рече Заев.
СДСМ, потенцира, не бара амнестија за Шиповиќ.
- Судот има на располагање механизми да обезбеди гаранција за присуство на осомничениот. Залог на имот, одземање на патната исправа, наложување на обвинетиот најмалку еднаш неделно да се појавува во судот...и ред други мерки. Од овие причини бараме мерката притвор да биде укината и Шиповиќ да се брани од слобода, а истрагата да продолжи, исто како и непреченото функционирање на Општина Центар, изјави претседателот на СДСМ.
Заев најави дека СДСМ со сите демократски механизми ќе се спротивстави доколку мерката притвор за Шиповиќ не биде укината.
- Нашата првична реакција: СДСМ го стави во мирување учеството во работата на собраниската комисија за имплементирање на заклучоците од Комисијата за 24-ти декември. Градоначалниците на СДСМ ќе го стават во мирување своето членство и активности во ЗЕЛС. Советниците на СДСМ во сите совети на општини во Македонија, во знак на солидарност со колегите од Центар, нема да присуствуваат на првата наредна седница на Советот на нивната матична Општина, рече Заев.
Според него, Мирослав Шиповиќ, претседателот на општинската организација на СДСМ и претседавач на советот на Општина Центар во случајот „Машинопромет“ и да сакал, не можел да учествува во евентуални финансиски малверзации. Клучните дејствија, посочи, се случиле пред неговото доаѓање во фирмата.
