Економија, финансии, бизнис

Контакт

СДСМ чека официјална информација дека Грчева и Буралиева остануваат во Собранието

СДСМ чека официјална информација дека Грчева и Буралиева остануваат во Собранието
Двете пратенички Солза Грчева и Љубица Буралиева до сега не ја известиле својата матична партија дека имаат намера да ги повлечат своите оставки и да останат во Собранието. Од СДСМ и натаму очекуваат Собранието да ги верификува оставките на сите 33 пратеници кои поднесоа изјави дека се откажуваат од пратеничкиот мандат, а од своите членови очекуваат да се придржуваат на партиската одлука за бојкот. „СДСМ донесе одлуки на највисоките тела на партијата, на Централниот одбор и на Конгресот. При поднесувањето на оставките сите 33 кандидати поднесоа оставки до Собранието на Република Македонија, со што се испочитува одлуката. Немаме дополнителни информации како понатаму ќе се однесува секој од кандидатите. Мандатот, пред се, се добива врз основа на програмските определби на СДСМ, граѓаните ја поддржаа таа Програма и навистина очекувам дека секој од нив ќе остане на ставот што го има Социјалдемократскиот сојуз“, изјави генералниот секретар на партијата Оливер Спасовски. Тој не прецизираше каков став ќе заземе партијата кон „одметнатите“ пратенички доколку се реализираат најавите и тие навистина ги повлечат оставките. Сепак, неофицијално, партиското раководство на СДСМ е во комуникација со Грчева и Буралиева во обид да ги премисли во нивните најави да не го почитуваат бојкотот. Во меѓувреме, од Собранието потврдуваат дека барањата на двете пратенички за повлекување на оставките се веќе ставени во процедура. Претходно, и Роза Топузова-Каревска од ЛДП, која исто така доби мандат на листите предводени од СДСМ, одлучи да не поднесува оставка и да остане во Собранието. Од нејзината матична партија истакнаа дека немаат механизам за исклучување на „непослушната“ пратеничка од членство, но најавија дека ќе ја дистанцираат.
Слично

Поврзани вести