СДСМ: Буџетот за 2015 година само ќе ја зголеми сиромаштијата
Жестока собраниска расправа нема, но во отсуство од законодавниот дом, опозицијата критиките за буџетот за догодина ги упати од пресконференција. Распределбата на средствата во државната каса за 2015 година само ќе ја зголеми сиромаштијата во земјата и нема да донесе никаков економски раст, обвинува опозицијата.
Според Кире Наумов од СДСМ, воопшто догодина нема да може да се соберат планираните приходи од 163 милијарди денари, бидејќи во последните седум години вкупните приходи во буџетот не надминале 140 милијарди денари.
„Оваа година, до август, вкупните приходи изнесуваат само 92 милијарди денари. Со ова темпо до крајот на годината повторно ке останат на нивото од 140 милијарди денари. Убаво би било да се слушнеше на што го темели оптимизмот Ставрески дека годинава наплатата ќе му биде поголема, кога со сите казни што ги воведоа од година во година е се полошо - затоа што се исцедени и граѓаните и фирмите“, вели Наумов.
Според прогнозите на опозицијата, планираниот буџетски дефицит догодина ќе биде надминат за неколку милијарди, односно ќе изнесува повеќе од 4% од БДП.
„Буџетот за 2015 година, како и сите претходни 8 години, сепак мисли на една група граѓани: малата група олигарси околу Груевски и Ставрески, кои и во 2015 ќе го продолжат трендот на сопствеништво во сите профитабилни компании во Македонија“, тврди Наумов.
На пресконференцијата на социјалдемократите со соопштение реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ осум години со лажни податоци, со бројки од ракав се обидуваат да ја збунат македонската јавност“, реагираат од партијата. Но тоа не е можно, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи постојат факти кои го говорат спротивното, а факт е дека македонската економија има највисок раст во регионот и Европа.
„ВМРО ДПМНЕ зборува со факти и дела – тоа е лекција која треба да ја научи секоја политичка партија која сака да ја добие довербата од народот“, стои во реакцијата.
Слично
