СДСМ без свои пратеници во собрание или нови игри на дворот?!
Истекува рокот од шест месеци до кој пратениците од опозицијата треба да се вратат во Собранието, а во спротивно се соочуваат со постапка за одземање на мандатите. Но, дали ќе дојде до оваа постапка барем сеуште никој со сигурност не потврдува. Не е исклучена можноста да се користат сите механизми за дополнително одложување на оваа процедура.
Денес истекува рокот за одземање на опозициските мандати
Согласно собранискиот Деловник и законите, спикерот Трајко Вељаноски веќе нема да може да ја одложува постпаката за оставките на 31 од вкупно 34-ца опозициски пратеници на кои им беа верификувани мандатите. Неоправдано отсуство од шест месеци согласно одредбите предвидува постапка за одземање на мандатот на пратеник. Според информациите се очекува претседателот на собранието Трајко Вељановски по координацијата од генералниот секретар на Собранието да побара извештај за отсутвото на опозициските пратеници. Со ова, брифираат од мнозинството пратеници ќе започне процедурата за одземање на пратеничките мандати на опозиционерите, поради шестмесечно отсуство во Собранието, кое се регистрира како неоправдано.
Власта тактизира со одземањето на мандати - се чека исход од евентуалните преговори Груевски - Заев
Седницата на Парламентот за одземање на мандатите би се одржала веројатно до крајот на овој или на почетокот на идниот месец, а одлуката се носи со двотретинско мнозинство. Доколку такво мнозинство се обезбеди, Државната изборна комисија треба да им го понуди мандатот на кандидатие на опозицијата кои на изборите беа подолу на изборните листи. Но, се чини дека власта ќе тактизира и нема да брза со одземање на пратеничките мандати. Имено, според информациите по извештајот кој секретарот на парламентот треба да го достави до спикерот Вељановски потоа ќе треба да расправа комсијата за мандатно имунитетни прашања, по што гласаат пратениците. Сепак, процедурата најверојатно нема да има финале односно ќе се одолговлекува, а мнозинството ќе бара 82 гласа колку што се потребни за одземање на мандатите. Се чини дека конечна одлука нема да има додека нема конечен исход од евентуалните преговори меѓу Груевски и Заев.
Рафиз Алити: не треба да се одземат мандати, туку опозиционерите да се вратат во Собрание
Дека мнозинството барем засега тешко ќе успее да обезбеди 82 пратеници за финализирање на одлуката за одземање на мандатите потврда е и реакцијата на потпретседателот на Собранието Рафиз Алити. Според него не треба да се одземат мандатите на опозиционерите, туку пратениците треба да се вратат на работа во законодавниот дом.
Опозицијата барем засега одлучна за бојкот
Опозицијата минатата недела обелодени дека останува на одлуката за бојкот иако призна дека дел од пратениците притискаат за враќање во Парламентот. Повикот за бојкот до сега не го следеа три пратенички - Роза Топузова - Каревска, Љубица Буралиева и Солза Грчева. Лидерите на опозициските партии СДСМ, ЛДП и НСДП неодамна соопштија дека тие остануваат на одлуката за целосен бојкот на работата на Собранието. Но, според неофицијалните информации неколкумина пратеници од опозицијата наводно се предомислувале за одлуката. Според нив борбата требало да се води во собранискиот дом, а не надвор од него.
Инаку, и власта и опозицијата се под притисок од меѓународниот фактор да го обноват дијалогот. Заев, пак најави дека наскоро ќе ја обелодени големата афера, после која, како што рече, Груевски ќе бил приморан да со даде оставка.
Р.Ф
Слично
