Економија, финансии, бизнис

Контакт

СДСМ бара поврат на персоналниот данок, УЈП вели – мерката нема смисла

СДСМ бара поврат на персоналниот данок, УЈП вели – мерката нема смисла
Опозициската СДСМ промовираше мерка од својата економска програма, која предвидува враќање средства од персоналниот данок на доход на граѓаните со месечна плата до 12.000 денари. „Освен поврат на 15 проценти од Данокот на додадена вредност, на граѓаните кои имаат плата од редовен работен однос во нето износ од 12 илјади денари Владата да им враќа средства од персонален данок на доход“, рече Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ. Според него, враќањето на персоналниот данок на доход, што претходно ќе биде уплатен од страна на работодавачите, ќе се врши на секои три месеци, а постојните лични ослободувања при пресметувањето на персоналецот ќе останат да важат и понатаму.

„Одиме со враќање на средствата од персоналниот данок, а не со ослободување од данокот, со цел, наместо кај работодавачите, парите да завршат кај граѓаните. Токму во тоа е улогата на владата – да биде праведен прераспределувач“, наведе Узунов, кој додава дека мерката е наменета за подобрување на приходите и куповната моќ на сите граѓани во Македонија, а најмногу на оние со ниски примања.

Според директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски, мерката на СДСМ претставува дефокусирање на јавноста од информациите за примањата на одредени членови од СДСМ.

„Станува збор за мерка со која се замајува јавното мислење и се залажуваат граѓаните со т.н. мерки со поврат од 300 денари месечно во услови кога членови на семејствата на високи функционири на СДСМ земаат по основ на менаџерски договори по 350 илјади месечно“, изјави Трајковски.

Тој оцени дека мерката е недоволно анализирана и се заснова на стари податоци.

„Триесет илјади граѓани од оваа наводна бројка од 150 илјади се ослободени и не плаќаат данок и на нив нема што да им се враќа. Оваа мерка може да се однесува за 80 илјади граѓани и доколку имаме сегментирање на оваа категорија, добар дел од нив или околу 38 илјади граѓани би добиле симболичен поврат од 19 денари месечно, некои по 65, некои по 82 денари,..... Како расне платата до 12 илјади денари, тие би се зголемувале до 300 денари месечно“, појасни Трајковски.

Слично

Поврзани вести