СДСМ бара оставка од Тодоров поради инцидентот на скопската Клиника
И од опозицијата го осудија денешниот инцидент на скопската Клиника за абдоменална хирургија и побараа одговорност од министерот Тодоров.
Од СДСМ велат дека хаосот во јавното здравство е резултат на погрешните политики на Никола Груевски и Никола Тодоров при што побараа министерот Тодоров веднаш да си поднесе оставка од функцијата.
„Што уште треба да се случи за Никола Тодоров да си поднесе оставка? Родилки и бебиња умираат, денеска е пукано во лекар. Нема да има операции на хирургија, додека не се заштитат лекарите со закон. Груевски и Тодоров не можат да го гарантираат здравјето на пациентите. Груевски и Тодоров не можат да ја гарантираат безбедноста на лекарите“ изјави Јагода Шахпаска, пратеничка и претседателка на собраниската Комисија за здравство..
Како што веќе објавивме осуди врз нападот со огнено оружје врз хирургот од Скопската клиника има и од Министерството за здравство.
Од оваа институција велат дека никој нема право револтот и незадоволството да го искажува на овој начин користејќи и огнено оружје, потенцирајќи ја недозволивоста за вакви инциденти во било кој здравствен систем, посебно врз здравствените работници кои во својата дејност се залагаат за спасување човечки животи.
Кој е повредениот хирург во кој утрово беше пукано?
Љубомир Огненовиќ (41) е дежурниот доктор во кој утрово на скопските клиники беше пукано. Неговата здравствена состојба е добра и сега е во операциона сала во Клиничкиот центар.
Се се случило кога син на почината жена пукал во пределот на нозете на хирургот а веднаш по инцидентот се приведени три лица на возраст од 30, 34 и 36 години сите од Скопје.
