СДСМ бара одговори: Колку чинат новите споменици и кој ги донира?
Опозицискиот СДСМ и натаму не добил одговор од ниту една од надлежните институции за тоа колку чинат последните пет поставени споменици во Скопје, кои ги донира Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради.
Ниту градоначалникот Коце Трајановски, ниту Управата за јавни приходи и Управата за финансиско разузнавање не даваат повеќе детали и за малку познатото здружение кое се јавува како донатор на спомениците.
Според Дамјан Манчевски, советник од СДСМ во Советот на Град Скопје, и покрај неколкуте обиди да дојдат до одговори од надлежните како може ова Здружение да му донира на Градот споменици кои чинат и по неколку милиони денари, или добиваат нецелосни информации околу донациите, или, пак, институциите кои законски треба да дадат одговор на граѓаните, се прогласуваат за ненадлежни.
„Градоначалникот и ВМРО-ДПМНЕ можат да се кријат, можат да ја префрлат одговорноста, да лажат, но граѓаните не можат да ги измамат. Граѓаните знаат дека ова е непотребен раскош и лусксуз. Знаат дека зад овој скандал се кријат транскации на пари без соодветно покритие“, изјави Манчевски, кој тврди дека еден споменик од петте ново поставени е поскап од висина на приходот кој Здружението го имало во последните три години.
„Искусни вајари велат дека еден споменик како оној на Андон Јанев – Ќосето чини околу 20.000 евра, но само за леење на бронзата. Споменикот во целост, вклучувајќи ја исплатата на уметникот, леењето, постаментот и поставувањето би чинело до 60.000 денари, додека пак коњаник како оној на Никола Русински би достигнал цена и до 100.000 евра. Од таму СДСМ прашува: Како е возможно Здружение кое остварило приход од 45.000 евра во три години, да сноси трошоци за пет споменици кои вкупно би чинеле над 300.000 евра?“, додава Манчевски.
Заради ова, опозициската партија побарала истрага и од Министерството за финансии, кое се прогласило за ненадлежно.
Слично
