СДСМ бара од власта да се повлече од кршење на Уставот и работничките права
СДСМ бара власта на премиерот Никола Груевски веднаш да ги повлече спорните измени на законите за средно и основно образование.
Измените што власта сака набрзина да ги протурка во Собранието, по скратена постапка, се неуставни, нечовечни, недемократски, ги кршат работничките права и меѓународните конвенции, велат од СДСМ.
„Со овој потег, власта покажа дека се плаши. Се плаши од незадоволството во образованието. Се плаши од разочараните наставници кои со години ги лажат со постојани ветувања кои остануваат на хартија. Власта се плаши од револтот кој го создаде нивната политика на хаос во образованието.
Како никогаш досега, сите во образованието се незадоволни и иритирани: и наставниците и родителите и учениците.
Соочени со најавата за сериозен штрајк во образованието, власта реши да примени потег на очајник: да спречува легитимен штрајк и да праќа закани со заменик-наставници.
Уставно загарантираното право на штрајк (член 38) претставува темел на основните работнички права.
Согласно Уставот, со закон може да се ограничи правото на штрајк само кај вооружените сили, полицијата и органите на управата. Јасно е, надвор од овие три сфери, како што е образованието, пропишувањето услови за ограничување на правото на штрајк е неуставно.
Дополнително, преседанот што го турка власта со овие измени е спротивен и со меѓународните конвенции што Македонија ги има ратификувано. Конвенцијата 87 за слободно здружување, на Меѓународната организација на трудот, инаку дел од ОН, ја потврдува неможноста од ангажирање на „привремени работници“.
Намерите се јасни. Не држат оправдувањата на власта. Груевски спроведува нова неправда врз работниците. Неможејќи да ги реши проблемите, уплашен од незадоволството се обидува да создаде законска можност за замолчување на оние што сакаат да кренат глас против последиците од неговите политики“, вели генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски.
Пред една година, со судска одлука беше ограничен штрајк на лекарите. Сега со закон се обидува да се спречи штрајкот на просветарите, наставниците. Што е следно? - прашува Спасовски.
„Во кои други области власта има план да забрани штрајк или да воведе „резервни кадри“?
Уште еднаш. Бараме итно повлекување на законот. Ги повикуваме сите синдикати да дигнат глава и да се спротивстават на кршењето на Уставот и одземањето на клучното право, правото на штрајк. Кршењето на клучната меѓународна конвенција за слободно здружување покажува дека власта се плаши од оправданиот револт во образованието.
Власта мора да се повлече од кршење на уставот и работничките права, препупредуваат од СДСМ.
