СДСМ бара од власта да престане со задолжувањата на граѓаните
Кога зборуваме за јавниот долг, најважното прашање не е кој го направил долгот, дали централната влада, некоја општина, јавно претпријатие основано од државата или некоја општина.
Она што е најважно е дека, кога јавниот долг нема да може да се враќа, ќе настрадаат имотите на сите нас, на сите граѓани во Република Македонија, изјави на денешната прес конференција потпретседателот на опозицијата Ванчо Узунов.
Што всушност направи власта вчера со измените на Законот за јавен долг, прашуваат од СДСМ?
-Замислете, семејство задолжено до презадолженост. Но, сопругот сака и понатаму да се задолжува, па бидејќи банката му бара да ја покаже состојбата на задолженост на семејството, тој јавно вели дека сопругата нема долгови. Дали тој може да ја сокрие задолженоста на семејството? И кој сепак ќе ги враќа вкупните долгови? Каква иднина имаат децата во тоа семејство? Каде тие ќе бегаат од долговите? Во странство? Како и голем број млади во Македонија?
Што и да направи оваа власт, колку измени да направи во Законот за јавен долг, нема да го смени фактот дека државата ја задолжија со 4.2 милијарди евра.
По скратена постапка и без дебата во јавноста вчера, експресно, пратениците од власта во Собранието изгласаа измени со коишто, од вкупниот долг на државата ги тргнаа долговите на јавните претпријатија основани од државата, долговите од општините и Град Скопје, долговите на трговските друштва во сопственост на државата и општинските власти. Го бришат и долгот на Народната банка на Македонија, прецизира Узунов, додавајќи:
-Но, дури и да не ги земе предвид долговите на тие субјекти, власта со тоа нема да го избрише фактот дека само долгот на централната влада со којшто не задолжи нас граѓаните е 3.3 милијарди евра.
За да прикаже помал јавен долг, наместо да ги намали неразумните трошења на раскош и луксуз, власта го намали бројот на субјекти чиишто долгови логично влегуваат во вкупниот јавен долг, што е долг и на секој граѓанин во Република Македонија.
Со ова, само фиктивно е намален долгот.
Со ова, власта си направи простор и за нови задолжувања и кредити, бидејќи е јасно дека буџетската каса е празна.
Ние граѓаните сме тие кои ќе ги враќаат долговите на државата.
Затоа, Ставревски и Груевски нека не прават малверзации со законски измени што на граѓаните не им значат ништо додаде потпретседателот на опозицијата, барајќи од Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да прекинат со задолжувањата на граѓаните на Република Македонија.
