СДСМ бара од власта целосно да се откаже од екстерното
-На Никола Груевски не му се допаѓа да ги гледа студентите на улица. Не му се допаѓа големата река студенти која отворено и се спротивстави на власта борејќи се за своите права, ова на денешната прес конференција го изјави Петар Атанасов од СДСМ.
-Студентите знаат дека оваа власт дебата не дозволува. Затоа, побараа никој да не им го попречува уставното право на образование, да студираат на универзитет каде ќе се почитува автономијата и да бидат оценувани според критериуми кои веќе со години се пракса во високото образование, потенцира Атанасов.
Студентите сакаат да ги сменат работите на подобро и веруваат дека ќе го направат тоа. Тие сакаат да бидат слушнати и сакаат да бидат вклучени. Владата е таа која не сака ниту да ги слушне, ниту да ги вклучи, вели Петар .
-После вчерашната изјава на Никола Груевски едно е јасно. Владата се повлекува од првобитната идеја за екстерното тестирање. Но, не целосно! Сега сака да го започне од 2018 година, напомена Атанасов.
Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија потенцираат дека се против екстерното тестирање и укажуваат на лошите последици но според нив власта останува глува.
-Власта мора да научи дека професорите се тие кои оценуваат, а не Владата. Професорите се тие, кои имаат обврска да ги мотивираат младите генерации да учат, да стекнат знаење и со тоа знаење да го менуваат светот и својата улога во него, а не Владата, предупредува опозицијата.
