СДСМ бара наместо луксузна барокна зграда да се изгради водовод во Шуто Оризари
Во Скопје официјално е прогласена епидемија на жолтица. Според Центарот за јавно здравје, покрај немиените раце, извор на жолтицата се излеаните канализации за време на дождовите и бунарите за вода.
Градот после секој посилен дожд се поплавува. Атмосферската канализација едноставно повеќе не ги задоволува потребите на Скопје, велат од СДСМ.
„Коце Трајановски целосно се изгуби во раскошот и луксузот со којшто владее. На истата седница на којашто се задолжуваат граѓаните на Скопје за изградба на водоводот во Шуто Оризари, Коце Трајановски дава гаранции за кредит од 7 милиони и 300 илјади евра за луксузна административна зграда на ЈП Водовод и канализација. Главен град, во 21-от век, во којшто има епидемија од жолтица поради тоа што сите граѓани немаат пристап до вода од централниот водовод, ќе го има најлуксузното водоводно претпријатие во светот, каде што м2 чини 2 000 евра“ изјавија на денешната прес конференција од СДСМ.
„Уште еднаш бараме да се разгледа предлогот на СДСМ и опозициските партнери за продажба на луксузната зграда на Водовод. Парите од продажбата да се искористат за изградба на поскромна зграда што целосно ќе ги задоволи потребите на вработените. А ако веќе граѓаните на Скопје се задолжуваат со комерцијален кредит, предлагаме Коце Трајановски овие 7 милиони и 300 илјади евра, предвидени за луксузна зграда, да ги пренасочи за изградба на водоводот во Шуто Оризари, го завршија пресот од опозицијата.
