СДСМ бара максимална брзина за движење низ Скопје да биде 50 км/ч
По барање на опозициската СДСМ на последната седница на Советот на Скопје беа усвоени неколку заклучоци во однос на подобрување на безбедноста на сообраќајот во Скопје.
Во поважните спаѓаат: во рок од 4 месеци да се изврши мапирање-одбележување на тн. црни точки, односно опасни места, да се одвојат повеќе пари за подобрување на хоризонталната и вертикалната сигнализација, повеќе пари за пешачки премини со контрасти на уличното осветлување, Градот во соработка со општините да утврди Предлог-зони за смирен сообраќај. Места во градот каде брзината на автомобилите ќе се ограничи на 30 km/h или помалку, Да се формира Советот за безбедност на сообраќајот на Град Скопје, Да се изготви план за поставување на дигитални мерачи за брзина, Градот да побара од МВР засилена контрола, спречување и санкционирање за загрозување на безбедноста на сообраќајот во Град Скопје, особено со користење на улиците за тн. ноќни трки.
Од оваа партија велат дека едно од нивните клучни барања, за ограничување на максималната брзина за движење низ Скопје на 50 километри на час останува и бараат од МВР веднаш да ја спроведе оваа мерка.
Дополнително, бараат значително зголемување на буџетските средства за изградба на велосипедска инфраструктура, бидејќи велат дека велосипедите не се рекреативно, туку превозно средство за голем број граѓани.
„Едногласното донесување на заклучоците на предлог на СДСМ и опозицијата е во интерес на граѓаните. Тоа покажува дека безбедноста на граѓаните не познава партии и така треба да биде. Сепак, мораме да констатираме дека овие работи одамна требаше да бидат направени. Можеби ќе се спасеа човечки животи.
СДСМ и коалицијата интензивно ќе ја следат имплементацијата на мерките кои очекуваме веднаш и без одложување да бидат спроведени“, велат од СДСМ.
Проблемите со безбедноста во сообраќајот не се само на скопјани. Најавија дека СДСМ ќе спроведе кампања за имплементација на слични мерки во сите поголеми градови во државата.
