СДСМ бара Јавното обвинителство да истражи дали бизнисот со тутунот одел преку власта
На денешната прес конференција потпретседателот на СДСМ Александар Кирацовски, побара Јавното обвинителство да отвори случај за сериозните наводи за организиран криминал со тутун и цигари.
СДСМ остро реагира на молкот на институциите, посебно на Јавното обвинителство коешто има должност да ги штити интересите на граѓаните на Република Македонија.
„Власта на Груевски, во паника, деновиве, до ливче го собра нелегалниот тутун на нивите во Могила, мислејки дека така ќе го покријат случајот за којшто има сериозни индиции дека се вмешани луѓе од врвот на Владата.
Но, прашањата остануваат отворени, а должност да ги разреши има Јавното обвинителство:
-Дали и со чие одобрение цели 5 години противзаконски се садел тутун во Могила?
-Дали овој тутун завршувал во скопско Арачиново?
-Дали и со чие одобрение од врвот на власта одел црниот бизнис на релација Могила – Арачиново – Косово?
-Кај кого завршувале цели 5 години по 5 милиони и 200 илјади евра пари на црно?
-Кој избегнувал цели 5 години данок во износ од над 2 милиони и 500 илјади евра годишно?
-Зошто акцијата се спроведува дури сега, откако СДСМ го обелодени скандалот?
-Како е можно Министерството за земјоделство 5 години да не знаело што се случува во Могила, и навреме да ги предупреди земјоделците?
-Како е можно МВР и инспекциските служби да не знаат што се случува во Могила цели 5 години?
Кој ги навел луѓето незаконски да садат тутун? Тоа е исто така кршење на законот, се вели во изјавата на денешната прес конференција која ја одржа СДСМ.
Според нив одземањето на тутунот не е решение.
СДСМ апелира институциите да не се преправаат дека ништо од ова не слушнале, туку да испитаат дали и кој од власта стои во позадина на случајот Вирџинија.
