СДСМ бара демократија во државата, а ја ограничува во рамки на сопствената партија?!
СДСМ е пред најголемиот реформски пресврт во својата 20 годишна историја. Жолчните и жестоки дискусии на последната седница на Извршниот одбор на површина ги исфрли сите слабости кои ја тиштат најголемата опозициска партија изминативе речиси седум години. Моментот на конечна одлука што понатаму дефинитивно ќе се знае на 02 јуни, за кога е и закажан когресот.
Тој што ќе го наследи Црвенковски ќе мора да расчисти со минатото, да се огради од Црвенковси и неговите најблиски соработници, а ќе биде и со големи шанси да го порази Груевски
Човекот кој што ќе ја превземе претседателската фунцкија во најголемата опозициска партија ќе мора да расчисти со минатото, да направи свој нов тим кои ќе внесат нови идеи, ќе ја реформираат партијата и веќе на претстојните парламентарни избори ќе го победат ВМРО ДПМНЕ, велат за Фактор, извори од СДСМ. Доколку во СДСМ не се случат промени, тогаш повеќе од јасно е дека партијата ќе продолжи да тоне.
Домашната експертска јавност веќе анализираше дека доколу Црвенковски и неговите најблиски соработници не ги напуштат раководните функции во партијата, лесно може да се случи грчко сценарио по теркот на ПАСОК, која од водечка партија во Грција веќе е со незначителен рејтинг.
За голем дел од партиските членови и привразници невозможно е да се борите за демократија во државата, за слобода, кога таа ја нема во самата партија. Токму затоа, коментираат тие, стравот прво треба да се совлада во партијата, па потоа да се размислува и за тоа како најголемата опозициска партија да се спротивстави на владеачката ВМРО ДПМНЕ.
Се пребројуваат делегати
Од вкупно 705 делегати, околу две третини се за кандидатите Игор Ивановски, координатор на пратеничката група на СДСМ и актуелниот потпретседател Зоран Јовановски, останатите околу 200 делегати се на страната на Заев, велат партиски извори. Истите извори тврдат дека помеѓу Јовановски и Ивановски моментално минимално водство имал актуелниот потпретседател Јовановски. Сепак, засега најголем фаворит за наследник на Црвенковски е струмичкиот градоначалник Зоран Заев.
Ќе претстојат повлекување на кандидатурите или коалиции против Заев?
Партиски извори за Фактор коментираат дека сега не се исклучува можноста некои од луѓето кои важеа за блиски до актуелниот лидер Бранко Црвенковски, а сега се со кандидатури за челната позиција во СДСМ или да ги повлечат кандидатурите или доколку дојде до втор круг да се здружат против струмичкиот градоначалник Зоран Заев, на тој начин би го елиминирале и Заев, но во исто време и Радмила Шеќеринска. Заев пак, по завчерашните неофицијални информации дека се повлекува од трката за прв човек на СДСМ, вчера наводно неофицијално изјавил дека останува како кандидат за претседател на партијата. Во својот тим ја има и Радмила Шеќеринска, која при евентуален триумф на Заев на конгресот би била заменик претседател на партијата, Токму Шеќеринска вчера беше во Струмица за да го разубедува Заев да не ја повлекува кандидатурата за претседател и да остане во трката за лидер на СДСМ. Звучноста на овие две имиња во трката во моментов е и нивната клучна маана, оти скопското крило во СДСМ не сакало да има двајца силни кандидати како лидерски двоец, затоа што се свесни дека ќе сакаат да воведат своја, автохтона политика, и пред се големи кадровски промени.
Делегатски опструкции пред Конгресот
Фактор вчера повикувајќи се на партиски извори објави реакции на дел од кандидатите за претседател на СДСМ, а кои се однесуваа на списокот на делегати кои ќе гласаат на конгресот на 02 јуни. Наводно, меѓу нив биле сестрата на актуелниот претседател Бранко Црвенковски, делегат од општина Аеродром, таткото на Наташа Савова, најблиската соработничка на Црвенковски и директор на секторот за комуникации во СДСМ, од општина Карпош, а од истата општина како делегат е и мајката на Никола Колевски (поранешен директор на Пазарниот инспекторат) кој се смета за близок до крилото на Црвенковски, Савова и веќе кандидатот за лидер на СДСМ, Игор Ивановски.
Инаку, засега кандидатури за претседател на СДСМ најавија Кире Наумов, Игор Ивановски, Зоран Јовановски, Зоран Заев, Тања Томич, но постои и иницијатива која за единствен кандидат за лидер на СДСМ го предлага актуелниот претседател на партијата Бранко Црвенковски.
Редакција Фактор
Слично
