СДСМ бара бесплатен превоз за студентите секој ден
Бесплатен превоз на студентите со автобусите на ЈСП-Скопје секој ден, бара опозицискиот СДСМ. Од таму велат дека за да го искористат бесплатниот четврток кој сега го нуди Владата, студентите имаат еден куп бирократски обврски и треба да приложат посебна легитимација.
„Редовните студенти ќе треба да приложат заверено барање и фотографија до ЈСП, а на вонредните ќе им треба и потврда од Агенцијата за вработување дека не се во работен однос како и здравствена легитимација на увид. Ова се дополнителни и непотребни административни работи, кои на студентите им задаваат проблеми, бидејќи како што велат и тие, службите на факултетите се бавни и се чека по неколку денови за една формална потврда“, вели Стефан Богоев, претседател на СДММ.
„Ние се залагаме за бесплатен јавен превоз на студентите, СЕКОЈ ДЕН, а како единствена легитимација да се користи студентскиот Индекс. Неколкупати го предложивме ова решение и до Советот на Град Скопје, но мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ не се согласува. Тоа што за власта поголем приоритет има на пример 15 – милионско панорамско тркало, наместо стандардот на младите, е класичен доказ дека тендерите за оваа власт се пред и над се. Ја повикуваме власта на Никола Груевски, да го прифати предлогот на СДСМ за бесплатен автобуски превоз за студентите, секој ден, а во меѓувреме да ги олесни бирократските процедури за најавениот “бесплатен четврток“, додава тој.
Слично
