СДСМ: Алармантна е финансиската ситуација во основното и средното образование
„Училиштата во Карпош должат над 1 милион евра. Во Струга и Кичево нема пари за нафта и греење. Во селата во Велес родителите не ги пуштаат учениците на настава поради не хигиена. Во Битола имаше проблеми со превозот на ученици. Учениците мрзнат во ладни училници, принудени се да одат пешки по неколку километри. Немаат основни услови за нормален образовен процес, реагираат денеска од опозицијата.
Тие ги наведуваат следните причини за овој проблем:
1. Блок дотациите за општините се исти иако во меѓувреме цените на нафтата и струјата се зголемија неколку пати;
2. Иако бројот на ученици во основните и средните училишта од 2007 до 2013 е намален за над 32 илјади, сепак бројот на наставници е зголемен за 3 илјади.
3. Општините треба да исплаќаат отпремнини за пензија, за систематски прегледи на наставниците, дератизација, дезинфекција, за превоз на наставници до училиштата каде нема јавен транспорт. Поради ова родителите на учениците се принудени да одвојуваат од семејните буџети за потреби во училиштата. Градоначалниците и советниците од ВМРО ДМПНЕ и ДУИ за сите овие катастрофални состојби во образованието молчат. Во меѓувреме се трупаат долгови на училиштата, растат огромни камати, некаде се активирани и извршители. За сето ова цената ќе ја платат граѓаните на Република Македонија.
Од СДСМ бараат веднаш :
1. Да се зголеми износот на блок дотацијата за образование за 10%
2. Блок дотациите за образование да бидат доволни за да ги покријат трошоците за непрекинато одржување на образовниот процес
3. Да се обезбедат минимум технички услови и хигиена во основните училишта во селските средини
4. Поголемите урбани општини, каде се концентрира наставата за средно образование, да добијат зголемен износ на блок дотацијата за соодветно организирање на превозот.
Со ова според опозицијата ќе се ублажат барем дел од последиците врз образовниот процес.
