СЦЕНАРИО КОЕ МНОГУМИНА НЕ ГО ПОСАКУВААТ: Санкциите кон Русија би можеле да ја разнишаат доминацијата на доларот
Сеопфатните мерки што западните земји ѝ ги наметнаа на Русија по нападот на Украина би можеле да поттикнат појава на мали валутни блокови засновани на трговија меѓу одделни групи земји, според ММФ.
Гита Гопинат, прв заменик генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) вели дека невидените финансиски санкции наметнати на Русија се закануваат постепено да ја намалат доминацијата на американскиот долар во светската трговија и може да доведат до фрагментација на меѓународниот монетарен систем.
Во интервју за Фајненшл тајмс, Гопинат оцени дека сеопфатните мерки наметнати од западните земји на Русија по нападот врз Украина, вклучително и руската централна банка, би можеле да поттикнат појава на мали валутни блокови засновани на трговијата меѓу одделни групи земји, пренесува Танјуг.
„Доларот би останал главна глобална валута дури и во таа средина, но фрагментацијата на помало ниво е сосема можна. „Веќе можеме да видиме дека некои земји повторно преговараат за валутата во која ќе плаќаат за меѓусебната трговија“, рече таа.
„Фајненшл тајмс“ наведува дека Русија со години се обидува да ја намали зависноста од доларот и дека кампањата сериозно е забрзана откако САД воведоа санкции како одмазда во 2014 година за припојувањето на Крим кон Русија.
И покрај овие напори, Русија сè уште имаше околу една петтина од своите девизни резерви во средства деноминирани во долари непосредно пред инвазијата на Украина, при што значителен дел од тие резерви се чуваше во странство - во Германија, Франција, Велика Британија и Јапонија. Тие земји сега работат заедно за да ја изолираат Москва од глобалниот финансиски систем.
Гопинат рече дека поголема употреба на други валути во глобалната трговија ќе доведе до понатамошна диверзификација на средствата во девизните резерви на националните централни банки.
Доминација на доларот
„Земјите имаат тенденција да акумулираат резерви во валутите со кои тргуваат со остатокот од светот и во кои позајмуваат средства од остатокот од светот, така што може да има постепен тренд кон други валути кои ќе играат поголема улога (во девизниот резерви), додаде таа.
Доминацијата на доларот, според неа, веројатно нема да биде доведена во прашање на среден рок.
Гопинат, исто така, истакна дека уделот на американскиот долар во меѓународните резерви е намален од 70 на 60 отсто во последните две децении, со зголемување на учеството на другите валути со кои се тргува, на чело со австралискиот долар.
Приближно една четвртина од падот на учеството на американскиот долар може да се објасни со поголемата употреба на кинескиот јуан . Сепак, помалку од три проценти од глобалните резерви на централната банка се деноминирани во кинеска валута, според податоците на ММФ.
Пекинг беше во процес на интернационализација на ренминби пред актуелната криза и веќе е пред другите земји со воведувањето на дигиталната валута на централната банка, рече Гопинат, иако верува дека јуанот најверојатно нема да го замени доларот како доминантна светска резервна валута.
Таа заклучи дека војната ќе поттикне и усвојување на дигитални пари, од криптовалути до стабилни монети и дигитални валути на централните банки, што наметнува брзо решение за прашањето на меѓународните регулативи во оваа област.
